Шаховскиот велемајстор Роландо Кутиров, актуелен селектор на шаховската репрезентација на Македонија, денеска одигра симултанка со Кривопаланчани.
На иницијатива на општина Крива Паланка во спортската сала во ООУ „Јоаким Крчовски” заинтересираните 25 граѓани, имаа несекојдневна можност да се надигруваат со велемајсторот.
-Крива Паланка имаше шаховски клубови, но тие згаснаа. Една од интенциите е да ги натераме младите да се заинтересираат за шахот, да не се занимаваат со виртуелни игри на компјутер и телефони, туку вака реално, на шаховска табла. Ова е иницијатива која сакаме да прерасне од следната година во викенд турнир какви што ќе има вкупно 12 на ниво на државата. Едниот турнир би се одржал во Крива Паланка, а на крај сите најдобри финалисти од овие викенд-турнири би настапиле на финален турнир во Скопје или некој друг град, изјави градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски кој беше и еден од учесниците во симултанката.
Учесниците можеа да се пријават без ограничување на возраста, а најмлад учесник беше 11-годишниот Ѓорги Цветковски, додека највозрасен со 83 години беше Евто Ангеловски.
Од локалната самоуправа на Крива Паланка изразија надеж дека следната година ќе биде реализиран меѓуопштински и меѓунационален турнир, со покана на учесници од Бугарија и Србија, со цел создавање услови за развој на шахот на локално ниво.