Села тврди дека се води хајка против него

Од:

Градоначалникот на општина Струга Зијадин Села денеска на прес-конференција посочи дека кривичните пријави што против него и негови соработници беа поднесени од СВР Охрид за злоупотреба на службена положба се хајка против него.

Во врска со обвинувањата за паркингот, тој истакна дека заедно со неговата администрација работат против паркинзи и оти отстраниле паркинзи од јавни простории и патишта. Нагласи дека како градоначалник секој ден работи против урбаниот хаос, но оти, како што рече, е спречуван јавните простори да им ги врати на граѓаните.

– Одлуката за паркинзите не е од сегашниот состав на Советот. За оваа одлука за која сум обвинет јас е од времето на Ромео Деребан и Рамиз Мерко, а вистина е дека има и една нова одлука, обновена од новиот Совет со која не се додава, туку се укинуваат паркинзите, кои беа на улицата „Пролетерски бригади“ и уште некои. Дека сум потпишал договор за две години за место кое било под заштита на Министерството за култура не е точно, тука е договорот дека се дава само за три месеци, рече Села.
За обвинувањата дека оштетил имот на државата во корист на општината, посочи дека како градоначалник се грижи за имотот на општината секој ден, односно дека легализацијата на училиште е од јавен интерес.

– Интересот на општината истовремено е и интерес на државата бидејќи се работи за училиште во кое учат ученици од сите етнички заедници, кое со законот за легалзиација доколку не се легализира треба да се руши. Не сакам училишта кои ги исполнуваат условот за легализација да се рушат, бидејќи образованието е интерес на државата не само на општините, изјави Села.