Собраниската расправа за ребалансот на Буџетот за 2017 година ќе продолжи утре во 11 часот.
Владејачкото мнозинство и опозицијата и во попладневново продолжение на седницата изнесоа различни ставови за кратењето на средствата од Буџетот.
Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ се категорични дека со ребалансот се кратат капиталните инвестиции, се намалуваат парите за образование, здравство, полиција и армија и забрзано се вработуваат партиски кадри. Со ова не се согласуваат од владејачкото мнозинство од СДСМ, за кои единствено се кратат нереалните трошења. Според нив, со ребалансот се консолидираат проекциите според владината програма за живот.
Благој Бочварски од СДСМ рече дека во делот на внатрешното задолжување оваа Влада има земено 71 милион евра кредити, а се има раздолжено 40 милиони евра, што значи, посочи, се зголемило задолжувањето кон внатре за 31 милион евра, а кон надвор државата се раздолжила за 81 милион евра.
– Што значи ако ги земе сите бројки предвид оваа Влада ја раздолжила Република Македонија 50 милиони евра. Така што не држат овие дискусии, тези кои претходно ги слушавме дека Македонија се задолжувала незнам колку илјади евра на саат, на ден, на недела итн., бидејќи Македонија овие 60 дена како функционира новата Влада е раздолжена за 50 милиони евра, истакна Бочварски.
Во 2016 година, посочи, растот беше околу 2 проценти, а во 2017 година првите шест месеци растот е нула проценти. – Значи оваа Влада наследува држава со раст од нула проценти. Нема никаква здрава логика да се верува дека сега растот може да биде 5,6,7 проценти за тековната 2017 година, рече Бочварски.
Потенцира дека оваа Влада ќе го реши проблемот на стечајните работници и тие ќе добијат по 7.600 месечно, (што е 380.000 евра месечно или 4,4 милиони евра годишно), нешто што, според него, претходната Влада не го реализирала.
Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ, реплицирајќи на излагањето на Бочварски, истакна дека минимална плата се зголемува со висока економија, со странски инвестиции, со конкурентност на пазарот…, а не со субвенции.
Пратеничката Весна Пемова од ВМРО-ДПМНЕ рече дека нема да гласа за овој ребаланс на буџетот, бидејќи како што рече, тој е направен за вработување партиски војници на СДСМ.
Ребалансот се темели на проекција на раст на БДП од 2,2 отсто, буџетскиот дефицит е проектиран на 18,57 милијарди денари, вкупните приходи се ревидирани за 1,5 отсто надолу, односно за 2,87 милијарди денари, а социјалните придонеси согласно остварувањето се очекува до крајот на годината да имаат благ пораст во однос на иницијално буџетираните. Расходите, пак, наменети за стоки и услуги се скратени за околу две милијарди денари во однос на иницијалната проекција со Буџетот, додека договорните услуги се намалени за дури 902 милиона денара.
Капиталните расходи се ревидираат на 23,4 милијарди денари поради ниското ниво на реализација во првите шест месеци од годинава (8,7 милијарди денари). Извршено е намалување на средства кај капиталните проекти кои имаат забавена динамика на реализација на активностите во првата половина од годината.
Со ребалансот, патните трошоци на Владата и институциите се кратат за 122 милиона денари, а другите тековни расходи (репрезентации, економски промоции, рекламирања) за 257 милиони денари. Обезбедени се средства за субвенционирање на минималната плата која според проекциите треба да се зголеми на 12.000, за поддршка на малите и средните претпријатија, на домашни гринфилд инвестиции, на домашниот туризам, а има пари и за материјално обезбедување на стечајните работници.
Расправата за ребалансот на Буџетот почна на 1 август и предвидено е да заврши в недела.