Седницата за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски, најверојатно, ќе биде закажана в понеделник. Дотогаш се очекува да заврши расправата за ребалансот на буџетот, која, според Деловникот, треба да трае пет дена.
Ако се земат предвид најавите дека на пратениците им претстои уште еден работен викенд, а парламентарното мнозинство инсистира пред одморите Зврлевски да биде сменет, сè поголема е веројатноста дека претседателот на Собранието, Талат Џафери, идната недела ќе ја свика седницата на која разрешувањето на јавниот обвинител ќе биде на дневен ред.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска не прецизираа дали ќе се повлечат од дебатата, но во неколку наврати повторија дека за нив има други приоритетни закони што треба да ги донесе Собранието. Од СДСМ, пак, остануваат на ставот дека нема да користат годишен одмор ако не се реши прашањето за јавниот обвинител. В недела на 6 август претседателот на Собранието, Талат Џафери, најави дека ќе ги распише локалните избори за да се одржат на 15 октомври.