Седми настан за разбивање на митот за канабисот – семинар со професори, научници и доктори

Од:

Со цел да продолжи едукацијата на полето на канабисот и да се споделат точни информации за неговите својства и употреба, граѓанското здружение „Зелена алтернатива“ го најавува седмиот по ред настан во своја организација, со наслов „Канабис 1.000 зошто – 1.001 затоа – разбивање на митот: рекреативен или медицински канабис“. Настанот ќе се одржи в сабота во 12 часот во просториите на мултимедијалниот простор „Јавна соба“.

Во првиот дел на семинарот се предвидени предавања на професори, доктори и научници, признаени во светот за нивната посветеност, достигнувања и работа во областа на канабисот. Во овој дел свои предавања ќе имаат д-р Пол Хорнби, доктор и научник од Канада, со повеќе од триесетгодишно искуство во третирањето пациенти со канабис и екстракти од канабис и познат како човекот што прв стандардизирал канабис-екстракт со кој се лекуваат специфични болести.

Свое предавање ќе има научникот заслужен за откривањето на ендоканабиноидниот систем, д-р Лумир Ондреј Хануш, кој по потекло е од Чешка, но својата работа ја врши во Израел и е носител на најважните откритија од полето на канабисот и ендоканабиноидниот систем. Предавање ќе одржи и д-р Роберт Меламед, доктор по молекуларна биологија, чии истражувања се во полето на канабиноидите, канцерот и обновувањето ДНК, кој, освен искуство во своите истражувања, има и долгогодишно искуство во третирањето пациенти со канабис.

На овие предавачи ќе им се придружи и д-р Јонас Вандерсван, доктор од Канада, кој подолго време препишува канабис и екстракти од канабис за огромен број болести каде што тие имаат примена, и член на повеќе друштва и асоцијации за употребата на канабисот како медицинско средство.

Во вториот дел од овој настан е предвидена јавна дебата која требало да се одржи во јуни минатата година, но поради отсуството на македонските лекари, дебатата не била целосна.

„Поканивме стотина доктори и се надеваме дека некои од нив ќе присуствуваат на дебатата со пациентите и странските доктори и научници. Овој пат, по помината дополнителна година, со повеќе легални препарати од канабис на пазарот и сè повеќе корисници, се надеваме дека ќе има и поголем број македонски медицински лица што ќе сакаат да ги споделат своите дилеми, позитивни и/или негативни искуства во препишувањето канабис. Целта на дебатата е да се приближат ставовите помеѓу пациентите и докторите, да се чујат нивните барања, нивните дилеми, стравови и прашања во врска со користењето и третирањето пациенти со канабис и затоа решивме да оставиме поголем простор за дебата и размена на мислења. Овој пат се надеваме на поголема присутност и во оваа пригода уште еднаш јавно да ги поканиме сите заинтересирани медицински лица да го посетат овој настан и да учествуваат во дебатата со свој придонес, да постават прашање или да споделат мислење и искуство“, велат од „Зелена алтернатива“.