ВИДЕО: Се возат во стари автобуси и се ладат со отворени прозорци на 40 степени

Од:

Со отворени врати и прозорци, додека патниците се препотуваат внатре и ги дува провев од сите страни, шоферите возат по папучи и маица без ракави и пушат цигари. Вакво искуство имале патници кои користеле приватен градски превоз. Додаваат дека често во овие авотбуси има тепачки, а може да се забележат и малолетници како пушат марихуана на задните седишта. Во автобусите на ЈСП шоферите се уредно облечени, примерно се однесуваат и има клима, но не во сите велат граѓаните. Екипата на А1он се повози неколку станици со 22-ката која граѓаните ја посочија како најлоша линија на социјалните мрежи. Дел од граѓаните задоволни, дел негодуваа на услугите на градскиот превоз.

„Многу е жешко внатре, не се дише, особено кога има гужви кога луѓето се враќаат од работа. Згора на сето тоа и климата да не работи, едвај се преживува патот на подолги релации“

„Од сабајле во 8 часот кога одев на кај центар од Влоково во автобусот немаше клима. Сега еве гледам ја пуштиле, затоа што е многу топло надвор. Некои се климатизирани некои не. Но, има и несовесни патници кои и покрај тоа што шоферот уклучил клима, тие ги отвараат прозорците. Нормално, не може да постигне климата да излади во вакви услови“, велат граѓаните пред камерата на „А1он“

Возачот на 22-ка рече дека автобусот е климатизиран, а ладење вклучува по слободна проценка.

„Од сабајле не пуштаме, затоа што во 9 часот не е толку топло. Но, сега е пладне и ја вклучувам климата“, вели тој.

Од ЈСП велат дека не можно на сите да им се угоди и посочуваат дека повозрасните патници често бараат да се исклучи климата или ги отвараат прозорците затоа што им било ладно.

„Се случува во некои возила на ЈСП Скопје климите да се исклучени со оглед на тоа дека некогаш има реакции на дел од граѓаните дека им е преладно, па возачот е приморан да ги исклучи како не би се нашол во незавидна положба со оглед на заканите. Вчера имавме три поплаки од повозрасни патници дека им било преладно. Впрочем, не секогаш на сите патници може да им се угоди. За жал, чести се и ситуациите клима уредите да се вклучени, а прозорите отворени“, велат од ЈСП, за А1он.

Од ЈСП додаваат дека има автобуси на кои им е расипан клима уредот и се испратени на сервис, но тврдат дека 90% од оние кои се во сообраќај се климатизирани. Што се однесува до приватните автобуси, ЈСП посочи дека автобусите се на „Слобода превоз“ и „Мак експрес“ а за нив надлежен е Градот.