Основното јавно обвинителство Скопје издало наредба за вештачење на исправноста на МРП-вакцините кои беа повлечени од здравствените домови поради погрешниот датум отпечатен на декларациите. Обвинителството пред три месеци отвори предмет по допрен глас за утврдување евентуални неправилности при увозот, дистрибуцијата и употребата на МРП-вакцините.
„Јавниот обвинител кој постапува во предметот оформен по допрен глас издаде наредба за вештачење на исправноста на вакцините и на нивната евентуална штетност врз здравјето на пациентите. Вештачењето, согласно наредбата, го вршат Центарот за испитување и контрола на лекови при Фармацевтскиот факултет во соработка со лабораторија од друга земја членка на OMCL-мрежата на официјални лаборатории за контрола на лекови, како и Агенцијата за лекови и медицински помагала МАЛМЕД. Притоа, за да може да се спроведе постапката за вештачење, од Министерството за внатрешни работи е побарано да овозможи пристап до карантинот во правното лице ‘Македонијалек’ ДОО Скопје, каде што се чуваат повлечените вакцини кои ќе бидат предмет на испитување“, велат од обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител испратил и барање за доставување дополнителни податоци до Министерството за здравство од кое се бара да изврши проверка во здравствените домови низ државата и да утврди колку од вкупната бројка од 33.200 вакцини МРП (Priorix) коишто биле примени на 3.04.2018 година во „Македонијалек“ и пуштени во употреба во здравствените домови биле употребени врз пациенти, како и дали имало пријавено какви било штетни последици.
„Доколку имало какви било невообичаени последици кај одделни корисници на вакцината, треба да се обезбедат податоци кај кои пациенти било тоа, во кои здравствени домови, како и да се обезбеди нивната целокупна медицинска документација, во оригинал или заверен препис“, велат од обвинителството.
Од истрагата на обвинителството зависи и казната за увозникот на вакцините „Македонијалек“. Откако МАЛМЕД утврди дека грешката со вакцините е кај увозникот, министерот за здравство, Венко Филипче, најави најстрога казна за „Македонијалек“, но за да биде пропишана ќе чекаат да заврши истрагата на Јавното обвинителство.