Сосотојбата на водотеците на територијата на Република Македонија покажува тренд на намалување, но во моментов генерално е околу и над месечниот просек гледано за десетгодишниот период од 2005 до 2014 година. Во моментов поголеми отстапувања од просекот за мониторираните реки бележиме на станиците Македонски Брод-р.Треска, Катлановска Бања-р.Пчиња, на станиците на р.Вардар, Ботун-р.Сатеска.
Според најавата на синоптичарите следи дека под влијание на влажна и постудена воздушна маса за време на викендот ќе има врнежи од дожд, а на повисоките места и планините врнежите ќе бидат од снег. Пообилни врнежи ќе има во јужните и југозападните делови, особено во сабота. Вкупната количина на наврнат воден талог во овие делови се очекува да надмине 30 l/m2.
Границата на снежните врнежи ќе биде пониска во недела и ќе се спушти до околу 800 мнм. На повеќе места ќе се формира снежна покривка, а на планините во западните и јужните делови позначително ќе се зголеми.
Овие нови врнежи дополнително ќе влијаат на водотеците и суводолиците и очекувано е во текот на вечерта и ноќта сабота спрема недела да започнат новите покачувања на водостоите главно во јужните и западните делови од државата. Во сливовите каде врнежите ќе бидат од снег, покачувањата ќе одат по забавено во однос на сливните подрачја каде врнежите ќе бидат од дожд. Иако не се очекуваат поголеми количини на врнежи, сепак поради влажните почви и нивната мала способност да впијат поголеми количини на вода, треба да се внимава на можна појава на локални излевања на веќе познатите критични места и тоа во сливовите на реките Треска (горен тек со притоките), Црна Река (горен тек со притоките), притоките на р.Радика и Црн Дрим, притоките на р.Вардар горен тек, реките околу Баба Планина, Ниџе, Кожув, Бабуна.
