Се јадело во ресторани после работа, нов мебел во кабинетот на директорката – за разрешената Петровска сѐ е законски

Од:

Разрешувањето на Анета Петровска од директорка на градинката „Детска радост“ во Гази Баба изминатите денови помина во меѓусебни обвинувања со градоначалникот Бобан Стефковски за нејзиното (не)законско работење. И додека на прес – конференција Стефковски обзнани дека Петровска користела службени пари и ресурси на градинката за приватни цели, таа реагираше дека градоначалникот ја клевети и дека тоа не е вистина.

Во меѓувреме, свиркач достави низа документи до редакцијата на „А1он“, за трошоци кои ги направила градинката во периодот на директорувањето на Петровска. Според датумот и времето на дел од фактурите се гледа дека тие се направени после работното време.

Таква е сметката од 15 јули 2021 година од ресторанот „Боними“, каде се нарачувало ракија, узо, салати, тиквици и пилешко. Според часовникот од фискалната сметка е 16:15 часот, надвор од работното време на градинката. Како потписник на сметката стои името на Анета Петровска.

Три месеци подоцна во истиот ресторан, се јадело и пиело генерално исто. Исто така, после работното време. Времето кога е издадена фискалната сметка е 17:03 часот.

Во истиот ресторан, според документите што ги имаме на увид, покрај храна во локалот, се нарачувала и храна за носење, а како трета ставка стои и „алкохол и алкохолни пијалоци“.

Покрај сметките во кафеани, до нашиот медиум стигнаа и две фактури во кои се вршени и други набавки за потребите на градинката. Се работи за купување на мебел – работно биро, фотелји и столови изработени од еко кожа во вредност од 69 266 денари. Другата фактура, пак, се однесува на набавка на камери и опрема во вредност од 71 260 денари.

За нив, во финансискиот извештај за 2021 година на „Ревизија Чулева“ пишува дека не биле спроведувани постапки на јавни набавки, иако поединечните суми биле над законски дозволениот минимум. Во ревизијата стои и дека според деталниот увид на налозите за користење на службениот автомобил на градинката, тој бил користен и за приватни потреби, односно за превоз на директорката до нејзиниот приватен дом во Петровец.

Со цел да ја провериме веродостојноста на добиените документите, се обративме и до општина Гази Баба, од каде потврдија дека такви документи постојат и се составен дел од самата ревизија.

„Градоначалникот Бобан Стефковски на прес-конференција за медиумите истакна дека во ревизијата се констатирани прекршувања на повеќе закони, трошени се пари од градинката по ресторани по работното време, купен е скап мебел за менаџментот на градинката, а истиот не бил дел од годишниот план за набавки и други недоследности“, се вели во одговорот од општина Гази Баба.

„А1он“ ја побара и разрешената директорка Петровска со цел да даде нејзин коментар за сметките во рестораните и набавките кои ги вршела.

„Фактите и вистината се на моја страна. Не е прекршен ниту еден закон за јавни набавки со фактурите и сметките. Постапувано е по закон и јас не ги кријам документите кои ви ги пратиле. Имав и инспекциски контроли кои не открија ништо, ако имало нешто ќе реагирале и тие“, објаснува Петровска за „А1он“.

(Не)признавање на ревизијата

И додека општина Гази Баба ги повикува Основното јавно обвинителство и ДКСК да постапат во врска со поранешното раководење на градинката од страна на Петревска, разрешената директорка тврди дека „Ревизија Чулева“ е ненадлежна за вршење ревизија во „Детска радост“ – Скопје, со оглед на тоа дека може да врши ревизија само во приватни субјекти. Според Петровска, наводите на градоначалникот Стефковски се истите за кои еднаш ја веќе ја разрешил, па ја повлекол одлуката и ја вратил за директор, постапувајќи по укажување на Министерството за труд и социјала.

„Се што кажа градоначалникот, тој излажа. Откако ќе заврши моето боледување, ви стојам на располагање на вас медиумите. Министерството за финансии на мое барање изврши супервизија на ревизијата на градоначалникот врз работењето на градинката и ги побива сите негови изнесени невистини“, рече Петровска во телефонски разговор за „А1он“.

Од општината, пак, велат дека ангажирањето на „Ревизија Чулева“ е договорна ревизија која преставува незадолжително испитување, проверки на годишната сметка, финансиските извештаи, консолидираната годишна сметка и на други финансиски информации, со цел да се изрази мислење, заклучок или уверување во врска со нивната вистинитост и непристрасност.