Во општина Дебар се спроведуваат активности за надградба на дел од улиците, доизградба на делови на неколку улици, како и санирање на ударните дупки.
Активностите почнаа во населбите „Венец еден“ и „Венец два“ и продолжуват и низ други улици во градот.
– Со оваа активност ќе бидат доизградени пристапни улици кај новиот градски пазар или 2.342 квадратни метри, надградени повеќе улици во градот, посебно булеварот„Илирија“ или 3.800 квадратни метри, како и неколку други улици,или во вкупна должина од околу девет илјади квадратни метри. За оваа цел планирани се средства во износ од 14 милиони денари, вели Газменд Цами од секторот за урбанизам при општина Дебар.
Во истовреме целосно ќе бидат санирани ударните дупки низ градот, кои навистина претставуваа проблем за нормалното движење на возилата но и на пешаците. За таа цел ќе бидат употребени 200 тони асфалт и потрошени средства во износ од 940 илјади денари.
Паралелно со тоа општина Дебар продолжува со уредување на улички, тротоари, дворови на станбени згради. Општината ги обезбедува бехатон плочките и песок, а жителите од тие делови учествуваат со работна рака. Во изминатите две години поплочени се над десет илјади квадратни метри улички и тротоари во градот и селските населби.
Согласно Програмата за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локалните патишта и улици, општина Дебар годинава планира да потроши околу 90 милиони денари за подобрување на патната инфраструктурана целата територија на општината.