Се асфалтираат локалните патишта во Македонска Каменица

Од:

Почна асфалтирањето на локалните патишта во селото Косевица, инфаструктурен проект кој опфаќа изградба на улици и патишта и поврзување со соседното село Луковица. Планираната инфраструктура е во должина од 3,5 километри, а средствата во висина од 11 милиони денари се обезбедени од буџетот на општина Македонска Каменица.

Градоначалникот Дарко Митевски, кој денеска присуствуваше на почетокот на градежните работи, истакна дека изградбата на овие улици е од исклучително значење за жителите од ова село и додаде оти значително ќе ги подобри условите за живот во Косевица.

– По повеќегодишно барање на жителите од Косевица и откако тие барања ги ставивме во Програмата за 2016, сега сме во фаза на реализација на еден огромен проект со кој ќе го решиме деценискиот проблем во селото Косевица. Отпочнавме со реалзација на проектот со кој ќе изградиме локални и пристапни маалски патишта во село Косевица и поврзување со село Луковица. Градиме патна мрежа во должина од 3,5 километри, од училишната зграда во село Косевица и сите маала од селото да се поврзат со село Луковица. Со овој проект, опфатена е патната инфраструктура на пет маала од селото, рече Митевски.

Тој истакна дека за наредната година планирано е и асфалтирање на останатите маалски улици во селото.