СДСМ: Во пресрет на зимата Ковачевски и Владата обезбедија храна и електрична енергија за подобри услови

Од:

Владата предводена од претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во пресрет на најтешката зима после Втора Светска војна обезбеди доволни количества на храна и електрична енергија за подобри услови за граѓаните и компаниите.Во рамките на посетата на претседателот Ковачевски на Софија, договорено е дека од Бугарија во текот на зимата ќе купуваме поевтина струја за стопанството. Увозот ќе започне во последниот квартал од годината и ќе трае до 31 март, се вели во партиското соопштение од СДСМ.

„Со ова се обезбедува електрична енергија за македонското стопанство под подобри услови од берзанските цени. Се формира работна група, која во наредните две недели ќе најде решение за капацитетите и транспортот на електрична енергија.

Државата предводена од СДСМ, од изолирана од меѓународната заедница и со нарушени односи со соседите сега гради регионална соработка, која е од исклучително значење за напредокот, но и за справување со последиците од економската и енергетската криза.

Во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“се потпиша договор, со кој ќе се избегне недостаток на основни прехранбени производи во државите членки, Албанија, Србија и Северна Македонија.

Договорот е гаранција дека ќе има доволно храна за граѓаните од сите три земји. Со регионална соработка, со здружување и солидарност, СДСМ обезбедува непречено снабдување со храна и електрична енергиија за граѓаните и компаниите, во време на најголемата криза во поновата историја.

СДСМ будно ја следи состојбата и презема навремени и ефикасни мерки за амортизирање на ударот на глобалната економска и енергетска криза“, велат од партијата.