Иницијативата на ВМРО-ДПМЕ за промена на Уставот е нов обид на премиерот Никола Груевски да го одвлече вниманието од катастрофалните резултати на неговата влада: најниски странски инвестиции во целиот регион, рекордна сиромаштија и растечко раслојување на граѓаните – изјави денеска Оливер Спасовски, пратеник и генерален секретар на СДСМ, во врска со иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за уставни измени со кои бракот би се дефинирал единствено како заедница меѓу маж и жена.
– СДСМ смета дека нема никаква оправданост прашањето на бракот, кое е законски регулирано, сeга и уставно да се третира. Дополнително, секоја иницијатива за промена на Уставот ја отвара Пандорината кутија на нови барања и постојани уставни измени. Ова Македонија не може да си го дозволи – рече Спасовски.
Тој истакна дека за СДСМ нема дилеми дека бракот е семејна заедница помеѓу маж и жена, како што е дефиниран во Законот за семејство уште од 1996-та година.
– ВМРО-ДПМНЕ бега од сите вистински проблеми кои ги мачат македонските граѓани, бидејќи и покрај ветувањата, на нив нема одговор. Наместо решенија и подобар живот добивме иницијативи со кои се купува време и се изигрува јавноста. рече Спаовски.