СДСМ: Се покажа дека македонскиот „Јужен тек“ е „гасовод наречен желба“

Од:

Владата на Никола Груевски, во 2007 година вети гасификација, сепак далеку е од тоа, иако беше најавувано дека е потпишан договор за приклучување на гасоводот Јужен тек, се покажа дека е потпишан само договор за утврдување на оправданоста на гасоводен крак, обвини СДСМ.

Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ, денеска на прес-конференција обвини и дека потпишаниот договор од страна на вицепремиерот Зоран Ставрески во Москва е незаконски, затоа што, според Манчевски, со членот 5 од договорот целосно е исклучен Регулаторната комисија за енергетика на Македонија.

– Се потврдија сомневањата: Владата во Москва не потпиша никаков Договор за приклучување на Македонија кон гасоводот Јужен Тек туку спогодба што одредува само техничка оправданост за проектот. По седум години одложување на гасификацијата на Македонија, со оваа Спогодба, Владата само обезбедува уште едно одложување.


Членот 2 од потпишаниот документ вели:

„страните извршуваа анализа чија цел е одредување техничка, економска, еколошка и финансиска оправданост на реализацијата на проектот гасовод – крак“

Значи оправданоста не е утврдена, туку дополнително ќе се утврдува.

Приклучната точка и трасата на гасоводот не се утврдени и дополнително ќе се утврдуваат.
Укажуваме и дека според договореното, член 5, целосно се исклучува Регулаторната комисија за енергетика на Македонија од одредувањето на цената на гасот, што е во целосна спротивност со Законот за енергетика!

Со други зборови никој нема да може да ја контролира цената на гасот! – обвини потпретседателот на СДСМ.

Тој потсети на многу ветувања дадени од 2007 година досега за гасификацијата на Македонија, посочувајќи дека се што е направено на планот на гасификацијата е сторенот до 1998 година, во текот на мандатите на владите на СДСМ, како и дека сега единствените гасифицирани градови се Струмица и Куманово, каде градоначалници се припадници на СДСМ.

– Спогодбата со Руската Федерација е општ документ кој не гарантира гасификација на Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ е на власт веќе осма година. Што правеа до сега ако дури сега ќе се утврдува оправданост на гасификацијата? Силните изјави на Груевски и Ставрески дека гасификацијата ќе почне во 2007, па во 2008 година, па дека ќе финиширала во 2010, па потоа во 2012 година и во 2013 продолжуваат само во форма на најави.

Факт е дека СЕ што е изградено од гасоводот во Македонија е направено од страна на Владите на СДСМ до 1998 година. Струмица и Куманово остануваат единствените гасифицирани градови во Македонија – рече Манчевски.