СДСМ: Кочниците на ВМРО нема да го закочат изборот на ДИК и иднината на државата

Од:

„Дпмневските кочници за ДИК се кочници за волјата на граѓаните и за македонската иднина, ние тоа нема да го дозволиме. СДСМ нема да дозволи ВМРО-ДПМНЕ да ги блокира реформите, а со тоа да ја блокира државата и нејзината иднина“- се вели во соопштението од СДСМ, по изјавата на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев.

Од оваа партија посочуваат дека парламентарното мнозинство предводено од СДСМ пред граѓаните има обврска да изнајде решение за деструктивното однесување на ВМРО-ДПМНЕ, партијата која како што велат, по секоја цена се обидува да го блокира подоброто утре за македонските граѓани.

-Измените на изборниот законик што беа направени во мај во согласност со сите партии предвидуваа обврска Државната изборна комисија да биде избрана во рок од триесет денови од стапувањето на сила на измените. Но, очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ како на власт така и во опозиција, продолжува да не ги почитува договорите и законите, со цел се пазари за амнестија. Со своето однесување, ВМРО-ДПМНЕ не само што го прекрши договореното туку и го попречува спроведувањето на законот. Наспроти блокадите од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пратениците на СДСМ и парламентарното мнозинство ја презедоа должноста да овозможат формирање на ДИК и спроведување на договорениот закон-стои во соопштението.

Од СДСМ додаваат дека е важно да се напомене дека и при избор на членови на ДИК со апсолутно мнозинство, ќе се почитува одредбата дека опозицијата предлага свои членови, токму онака како што е договорено.

-Деструктивните сили предводени од ВМРО-ДПМНЕ нема да го закочат изборот на ДИК и со тоа да го загрозат правото граѓаните да одлучуваат за својата иднина. Граѓаните на референдум, слободно и без притисоци ќе кажат ДА за влез во ЕУ и НАТО, ќе кажат ДА за македонската иднина-завршува во соопштението од СДСМ.