СДСМ и ДУИ ги поднесоа кандидатските листи, ВМРО-ДПМНЕ пред полноќ

Од:

Опозициската коалиција предводена од СДСМ вечерва до Државната изборна комисија ги достави листите со кандидати за пратеници за предвремените парламентарни избори на 11 декември.

– Toa e листа на кандидати која што е победничка, усогласена со граѓаните на Република Македонија и која што е одобрена од највисоките партиски тела на Коалицијата, изјави Стевица Јосифовски, претседател на Правниот сектор на СДСМ.

Коалицијата на СДСМ во првата изборна единица ја предводи Стево Пендаровски, а Оливер Спасовски во втората ИЕ. Во третата ИЕ носител е Љупчо Николовски, во четвртата претседателот на СДСМ Зоран Заев, петтата Радмила Шеќеринска, а во шестата Петре Шилегов.

Веднаш по СДСМ, кандидатските листи ги поднесоа и од ДУИ.

До Државната изборна комисија претходно до 20 часот кандидатски листи за претстојните предвремени парламентарни избори поднесоа партиите ПДП, ЛП, Левица и Коалицијата за промени и правда.

Рокот за поднесување на кандидатските листи за изборите на 11 следниот месец истекува на полноќ на 11 ноември.

Кандидатските листи треба да бидат разгледани и потврдени од членовите на ДИК во рок од 48 часа од моментот на доставувањето односно до недела на полноќ. Доколку се констатираат неправилности учесниците во изборите треба да ги отстранат во рок од 48 часа. Жребувањето за редоследот на листите треба да се одржи на 20 ноември.

Истовремено на полноќ завршуваат и роковите за јавниот увид во Избирачкиот список, за пријавување на државјаните на Република Македонија за гласање во странство и за обновување на избирачкото право на лицата со спорни записи по последните теренски и административни проверки на Избирачкиот список.