СДСМ бара Владата да ги објави анализите за водата во Гостивар: Врз основа на кои параметри е дозволена употребата

Од:

СДСМ бара Владата веднаш да ги објави резултатите од анализите врз основа на кои е донесена одлуката водата во Гостивар да се користи како техничка вода.

Од партијата реагираат дека наместо министерот за здравство, за состојбата денеска информирал министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој најави дека водата може да се користи за хигиенски потреби, но без објавување на конкретни лабораториски резултати.

„Тошковски се повикува на потврда од експерти, но јавноста сè уште нема увид во анализите и параметрите врз основа на кои е донесена одлуката“, велат од СДСМ.

Од опозициската партија посочуваат дека техничката вода вообичаено се користи за намени како миење улици, наводнување зелени површини, противпожарни системи и испирање тоалети, а нејзината употреба за туширање и лична хигиена, според нив, мора да се темели исклучиво на микробиолошки анализи.

„Врз основа на тие наоди здравствените институции треба да кажат дали водата е безбедна за лична хигиена, особено кај децата, постарите лица и другите ранливи категории граѓани“, наведуваат од СДСМ.

Тие бараат Институтот за јавно здравје и директорката на Институтот за јавно здравје – Скопје, Марија Андоновска, јавно да објаснат за што точно може да се користи водата во Гостивар.

„Одговори треба да дадат надлежните здравствени институции, а не министерот за внатрешни работи. Владата и министерот Тошковски треба да го објават официјалниот документ со анализите, кој го потпишал и која институција стои зад одлуката“, велат од СДСМ.

Од партијата додаваат дека граѓаните имаат право да знаат врз основа на кои податоци е донесена одлуката за употреба на водата.