Санација на мостот кај делчевско Тработивиште

Од:

Продолжи санацијата на мостот на реката Брегалница кај делчевското село Тработивиште кој беше оштетен од поплавите пред две години.

Според информациите од изведувачот ГП Гранит, на санацијата на мостот се работи интензивно при што се очекува до крајот на август, мостот да биде пуштен во употреба.

За причините поради кои доцни санацијата на мостот и се пробија првичните рокови, од ГП „Гранит“ информираат дека станува збор за дополнителни проблеми со стабилноста на мостот кои се јавиле откако лани во октомври, започнала санацијата на мостот и при ископ на фундамент, согласно со проектот, дошло до дополнително слегување на мостот за околу 35 сантиметри, по што веднаш била прекината работа, се до наоѓање на ново техничко изводливо решение. По завршување на дополнителните административни активности, договори и анкеси, санацијата повторно стартувала, при што во моментов се работи на подигањето на столб број 3 и на изработка на нова армирана бетонска плоча почнувајќи од страна на село Разловци од каде мостот е стабилен. Работите ќе бидат завршени навреме, односно до крајот на август, кога се очекува и негово пуштање во употреба, информираат од ГП Гранит.

Градоначалникот на Делчево Дарко Шехтански, денеска апелираше за трпение кај жителите од Разловци на кои овој мост им е единствена врска со Делчево. Тој очекува дека иако се пробиени првичните рокови, дека ќе се испочитува новиот рок за санација и мостот ќе биде ставен во функција на крајот на идниот месец. Инаку, санацијата на мостот чини 11 милиони денари, а средствата се обезбедени преку УНДП.