Само шест пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и петнаесетина од владеачкото мнзоинство, тоа е бројот на пратеници кои се во собраниската сала каде трае дебатата за нацрт-амандманот за менување на Преамбулата на Уставот. Сите, како едвај да чекаат да заврши седницата.
Иста слика беше и при дискусиите за амандманот со кој се менува името на државата. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ имаше пријавено 12 дискутанти, од СДСМ дваесетина, но повеќе од половина од нив се откажаа.
За дискусија не се пријавија, а денеска и не дојдоа на седница Димовски, Милошоски, Вељаноски, најгласните за неменување на Уставот.
Во одбрана на предлогот на Владата за интервенции во Уставот со 4 амандмани, ги нема правниците и пратениците од првиот собраниски ред. Денеска за седницата нема интерес и од медиумите.
Се предвидува дека наместо за 12 законски овозможени денови за плодна дискусија со аргументи и контра аргументи, дебатата да заврши за неколку дена.
Ова е досега најзначајната интервенција во Уставот од неговото донесување, но интересот на пратениците најмал.