Вашингтон ја осуди реторика на насилство од одредени политички лидери која е насочена кон амбасадорите во Македонија.
– Загрижени сме за политичките тензии во Македонија по предвремените парламентарни избори, одржани на 11 декември. Одредени политички лидери со нивната реторика даваат дозвола за насилство и напад кон институции и амбасадори на странски земји во Македонија.
Ги повикуваме политичките лидери да престанат со неосновани напади, да го почитуваат демократскиот процес и да дозволат формирање на веродостојна и стабилна влада посветена на владеење на правото, одговорност и на основните права, изјави портпаролот на Стејт департментот Џон Кирби.
Реакцијата на САД доаѓа по изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на протестот пред ДИК во саботата, кога ги повика странските амбасадори да престанат да се мешаат во внатрешните работи во Македонија. Вербални напади имаше и од други членови на ВМРО-ДПМНЕ, а на социјалните мрежи се појавија некролози на актуелни и поранешни странски амбасадори во земјава.