Русковска не се правдала за претресот во Финансова, кој е направен од неовластен обвинител без да се провери веродостојноста на кривичната пријава

Од:

Обвинителките Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска биле ненадлежни да постапуваат по кривичната пријава која се однесува на Финансиската полиција. Од трите, само Јосифовска доставила информации за постапувањето во предметот. Барањето за претрес го поднеле до Финансиската полиција само поради добиена анонимна пријава, без никаков доказ кој бил ја потврдил индицијата дека било извршено кривично дело. Во извештајот изготвен од републичкиот обвинител Љубомир Јовески, стои и дека овие три обвинителки биле ненадлежни за да постапуваат во овој предмет бидејќи не се дел од спцијализираното одделение за полицајци.

Јовески смета дека: „Одбивањето да се даде бараната информација за да се утврдат фактите за постапувањето по конкретниот предмет, го поткрепува сомнежот за недоследности во постапувањето“.

Според Јовески и тимот обвинители кои го испитуваа претресот, обвинителките од Обвинителството кое треба да гони организиран криминал, со погрешни информации добиле дозвола за претрес од Судот.

„Во образложението на барањето на Судот погрешно му се даваат податоци дека Јавното обвинителство има основи на сомнение дека е сторено кривично дело, а во списите од предметот има само анонимна кривична пријава. Анонимната кривична пријава и конкретните наводи во неа, непоткрепени со ниту еден доказ или со други средства, можат да бидат повод за поведување кривична постапка, но таа не обезбедува определен степен на веројатност дека ќе се пронајдат траги на кривичното дело или предмети важни за кривичната постапка за да има основи за барање на претрес на простории на државен орган и претрес на лице“, се додава од Обивнителството.

Во образложението на барањето за издавање на наредба за претрес се наведува дека во предметот се води предистражна постапка, а при увидот е констатирано дека во списите постои само барање за претрес и писмо, кои се први дејствија преземени во постапката по анонимната кривична пријава.

„Исто така, укажано е дека од содржината и наводите во кривичната пријава не произлегуваат дејствија за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание по чл.359 ст.7 вв со ст.3 вв со ст.2 од Кривичниот законик. При постапувањето по пријавата, за исти дејствија доставено е и писмено барање до Управата за финансиска полиција за да ги достави истите списи, кои исто така се бараат да се обезбедат со претресот. Во согласност со чл.27 ст.4 од Законот за јавното обвинителство, со укажувањето, задолжен е јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, целосно да го испита постапувањето по овој предмет, да ја утврди фактичката состојба и сите релевантни околности, пропустите во постапувањето и фактите за евентуална одговорност и за тоа да достави информација до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Укажувањето е во согласност со чл.7 ст.3 од Законот за јавното обвинителство и има за цел да се отстранат сите неправилности по предметот и во иднина да не се дозволат пропусти во постапувањето“, велат од Обвинителството.