Екстремната злоупотреба на структурите и владините ресурси од страна на ВМРО–ДПМНЕ и ДУИ, незаконското финансирање на кампањи, дискриминација на опозицијата во сите насоки, гласачките листи исполнети со стотици илјади фиктивни гласачи, отворена медиумска дискриминациј на опозицијата, заканување и заплашиување на вработените во јавниот и приватниот сектор и масовното купување на гласови, се дел од структурните сериозни дефекти кои ја делегитимират во целост оваа изборна кампања а изборниот процес од 27 април донесе ризик Македонија да влезе во длабока политичка криза, како последица на диктаторското дуо ВМРО-ДУИ.
Со таква порака до јавноста вечерва се обрати Националната демократска преродба (НДП) на Руфи Османи, изнесувајќи ги заклучоците од денешниот состанок на Централното собрание на партијата, одржан во Гостивар. На состанокот Османи поднел оставка на претседателската функција, а партијата побара влада на широка коалиција, објави Плусинфо.
Опозициската партија од албанскиот политички блок порачува оти Централното собрание „по направената анализа на изборниот процес ја дели истата загриженост изразена во извештајот на ОСБЕ/ОДИХР – дека Македонија не успеа да организира слободни и демократски избори“.
НДП бара меѓународниот фактор да интервенира за да се формира влада на широка коалиција, која би спровела фер и демократски избори.
„Централното Собрание на НДП не ги прифаќа како легални и легитимни резултатите од недемократските и манипулираните избори и препорачува посредство на меѓународната заедница за формирање влада од поширока коалиција со цел да се спроведе чистење на избирачкиот список и организирање на слободни и демократски избори, како предуслов за враќање на демокрацијата во земјата“, се вели во изјавата од денешниот состанок.
Партијата посебно се осврнува на гласањето на Албанците во Европа.
Централното Собрание на НДП процени дека ВМРО и ДУИ се одговорни за изборите во диаспора, на кои не им се дозволи на Албанците во Европа да го реализират нивното право за глас, така што не ги регистрирале во изборните листи, што е комплетен неуспех на дипломатските преставници на ДУИ“.
На денешниот состанок оставка поднел врвот на партијата.
„Имајќи морална и менаџерска одговорност за неисполнување на националните и политички цели, на врвот на НДП и во функција за можност на нови млади кадри и унапредување на политичката активност на НДП, претседателот Руфи Османи, секретарот Изет Зеќири, и потпреседателите Артан Дика и Гиктен Хазири, поднесоа оставка од раководните партиски позиции и дополнотелно продолжуваат со политичката активност во структурите на НДП“, се вели во изјавата.
Формиран е привремено Совет кој ќе управува со НДП, во состав: Зенун Исмаили, Весел Мемеди и Бинас Пајазити.