Родители на ученици во Кузман Јосифовски-Питу: Со уцени некој профитира од нашите деца

Од:

Родители на ученици од Основното училиште „Кузман Јосифовски – Питу“ во Кисела Вода се револтирани и најавуваат жестока реакција додолку не престане профитирањето од нивните деца.

Тие наведуваат дека децата се условени да се запишат во целодневна настава за да мора да се хранат во училишната кујна и покрај тоа што на учениците воопшто не им се допаѓа храната која таму се подготвува.

Родителите своето дете не можат да го запишат во целодневна настава доколку детето не сака да се храни во мензата во училиштето. Тие тврдат и дека учениците исто така не смеат да носат храна од дома, а доколку сепак донесат храна не смеат да ја јадат во кругот на училиштето туку само надвор од него, на улица.

Неколку родители на деца кои учат во ОУ „Кузман Јосифовски – Питу“ се пожалија до А1он за лошиот квалитет на храната и условите кои директорката ги поставува кон нив и учениците.Тие плаќаат 2300 денари месечно за два оброка дневно во кои не е вклучено репете или пак втора опција доколку на некој од учениците не им се допадне подготвениот оброк.

-И покрај тоа што квалитетот на храната е ужас, мора да плаќаш. Некои родители плаќаат и си носат од дома само да не се расправаат. Ние веќе немаме пари за се поголемите барања од училиштето. Плаќаме оброци, обезбедувања, сега и за претстави по 400 и 500 денари, мора да сфатат дека немаме пари, вели родител на ученик во ова основно училиште.

Скандалите на директорката од „Кузман Јосифовски Питу“ не престануваат тука. Родителите тврдат дека училиштето и учениците ги обезбедува непозната фирма која е избрана без тендер и за која родителите плаќаат 600 денари секој месец на рака во кеш наместо на уплатница.

Поради оваа одлука на училиштето, се јавуваат сомнежи дека некој од училиштето е приватно поврзан со сопствениците на фирмата за обезбедување па искористувајќи ја својата положба по своја желба без никаков тендер избрал непозната агенција да го обезбедува училиштето и учениците во него без разлика на професионалноста и обученоста на вработените.

А1он се обиде да стапи во контакт со директорката на училиштето за да ги провери инфорамциите, но откако ни беше кажано да се јавиме подоцна бидејќи директорката е на состанок, од таму повеќе не се јавуваа на нашите повици.

Виктор Јованов