Родителите на средношколците кои веќе еден месец ја бојкотираат наставата, денеска се собраа во дворот на СУГС Јосип Броз Тито за да се договорат како да постапат понатаму по изјавите на власта дека веќе нема да преговараат за барањата на средношколците
– Досега не се мешавме директно, им носевме храна и дежуравме кај кампот пред МОН заради безбедноста, но притисоците и заканите станаа пресилни. Од МОН и од власта се обидуваат да не’ етикетираат, директорите на училиштата ни велат дека децата не ни се безбедни. Оваа средба ја свикавме за да видиме како понатаму, дали и понатаму има закани. Досега не се мешавме затоа што досега децата одлично ја водеа својата борба и беа 3 чекори понапред, но сега веќе МОН најави крај на преговорите среде незршена работа, а нас почнаа да не’ викаат на родителски средби. Не треа да се тера инает туку да се гледа што е во најдобар интерес на децата. Ние од самиот почеток на екстерното тестирање увидовме голем број слабости, на наша срамота оди тоа што ние родителите не реагиравме,а чекавме децата да реагираат, сега просто не можеме а да не ги поддржиме нивните аргументи, не само што се наши деца, туку се и во право, вели Јасна Шоптрајанова, мајка на средношколец.
Според родителите бројот на ученици кои бојкотираат е преголем за да се остварат заканите дека сите тие може да ја повторуваат годината
– Ја исклучуваме можноста сите да ја повторуваат годината, нивниот број е навистина голем . Тие што се во кампот се одлични ученици и ние би биле единствена земја во светот каде одлични ученици би биле повторувачи, се надевам дека ќе најдеме заеднички решенија, вели мајка на средношколец.
Главните барања на средношколците се екстерното тестирање да биде анонимно и оценката да не фигурира никаде во свидетелствата и државната матура да се полага како порано, односно да не се воведува задолжителната математика.
На родителскиот собир претставничката на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Јасмина Голубовска им понуди на родителите правна помош.
А.Б.