Од 3500 до 6500 денари чини изнајмување автобус од ЈСП Скопје. Тура низ Скопје, панорамско разгледување, фотосесии, моминска вечер, роденден за деца, снимање реклами е новиот тренд што го развива ЈСП во последниов период, пишува Нова Македонија.
Оттаму велат дека во последно време се зголеми интересот кај граѓаните за изнајмување автобуси за приватни прослави, но тие најмногу ги одобруваат за туристички цели, односно за разгледување на Скопје.
– Цената за изнајмување на панорамскиот автобус е 6.500 денари, двокатниот автобус е 4.500 денари, а за ниските е 3.500 денари. Се изнајмуваат за најмногу четири-четири и пол часа, без разлика за каков вид прослава се работи – објаснува Мишо Николов, директор на ЈСП, за Нова Македонија.
Автобусите најмногу се изнајмуваат од институции, фирми, училишта за настава во природа, но често во ЈСП добиваат барања за организирање на детски родендени. Минатата година, посочува директорот, во возилата на ЈСП биле организирани три такви прослави. Во таквите случаи на дисплејот на автобусот не стои бројот, туку порачаната порака како на пример „среќен роденден“.