Ристиќ обвинета за нелојалност кон СОНК, таа тврди дека обвинувањата се лага

Од:

Актерката Ирена Ристиќ не ги задоволувала критериумите на СОНК да биде претседател на синдикалната организација на Драмски театар со тоа што отворено најавувала дека ќе го префрли члeнството во независниот синдикат за култура, изјави за А1ОН претседателот на СОНК, Јаким Неделков. Со тоа, вели тој, Ристиќ го прекршила Статутот на Синдикатот, не работела во интерeс на неговото единство и од тие причини е поништен претходниот избор каде таа беше изгласана за претседател, а е спроведен нов на кој е избран режисерот Сашо Миленковски. Ристиќ, пак, ги демантира овие обвинувања.

Претседателот на СОНК вели дека приговорите на вработени во Драмки против Ристиќ биле причина да се спроведе втор избор на претседател на синдикалната организација.

-Луѓето од Драмски театар се пожалија на несоодветно третирање на изборната постапка. Ние постапивме согласно Статутот и ако е така изборот треба да се повтори. Не сме настојувале да биде сменета, ниту пак сме лобирале. Согласно жалбите што ги добивме се констатираше дека има прекршување, дека имала активности кои не оделе во прилог на единството на СОНК, активности за преминување во другиот синдикат за култура. Апсолутно е неприфатливо таков човек, без разлика дали е Јаким или Ирена, да биде во раководството на синдикалната организација. Имам информации дека била една од тие кои сакале синдикална организација од СОНК да ја префрли во новоформираниот синдикат за култура, ни таа нема да ги негира овие изјави. Отворено кажувам, доколку има докази дека е така ќе се преземат активности за нејзино исклучување – вели Неделков.

Ристиќ, пак, ги негира овие тврдења и вели дека ќе преземе мерки за правна разврска. За време на вчерашниот состанок каде беше поништен нејзиниот избор, таа вели дека не добила никакво образложение, освен дека го прекршила членот 16 од Статутот на СОНК според кој член на Синдикатот е должен да го гради единството на СОНК и да го штити неговиот авторитет.

– Прашував за време на состанокот да ми објаснат со што сум го прекршила Статутот, но претставниците од СОНК се правеа дека не ме слушаат. Тврдењата се лажни и неосновани. Имам и сведоци дека нема да се префрлам во друг синдикат, токму оние кои ме канеа ќе потврдат дека ги одбив – вели таа.

Ристиќ ги отфрла обвинувањата дека била прекршена процедурата при нејзиниот избор затоа што, вели, имало кворум и едногласно била избрана.

На тој состанок за неа гласале 27 членови на сидикалната организација од Драмски театар, додека Миленковски бил избран од страна на мнозинството на 32 присутни членови, но не едногласно.

Како што објаснува Неделков, неколку членови од Драмски театар се пожалиле дека не била испочитувана процедурата за избор на претседател, дека членовите не биле информирани за изборот, дека не се испочитувани критериумите и дека не е задоволен кворумот. Против изборот биле поднесени четири приговори.

Според сознанијата на Ристиќ два од четирите приговори биле поднесени од Сашо Миленковски и од Ванчо Петрушевски. Овие забелешки и жалби биле одлучувачки за да се поништи нејзиниот избори.

Во меѓувреме јавноста застана на страна на Ристиќ која доби голема поддршка на социјалните мрежи. Некои членови на СОНК јавно изјавија дека си заминуваа од Синдикатот по овој случај.

11419982_10204300107567118_360777911_n

„Давам подршка на мојата fb пријателка Irena Ristic. Сакам веднаш да ме отчлените, а картицата приложена на сликата, може да ја подигнете во блискиот контејнер.Трошоците за членство во организацијата ги донирам на раководството…“, пишува Љупчо Мицков.