Групата Љубојна преку Фејсбук објави дека настапот на прославата на Владата бил договорот од многу порано и дека не знаеле за каков настан се работи. Во објавата на групата се вели дека тие ќе настапат во свој манир, со нивната препознатлива програма, а парите кои што ќе ги добијат ќе ги донираат на болно детенце и на „Одделот за традиционална музика и игра“ при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.
„Настапот на Љубојна, кој што сите нé растревожи, во сабота на 14.07, е закажан многу порано пред да знаеме за каков настан се работи и не е поврзан со личниот став на членовите на групата. Љубојна ќе настапи во свој манир, со добро познатата автентична програма и ќе продолжи и понатаму да ја презентира нашата музичка култура во земјата и во светот, без никакви отстапки.
Парите ќе бидат донирани за терапијата на едно болно детенце, како и на “Одделот за традиционална музика и игра” при ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј”, за понатамошен развој и истражувачка дејност.
За сета “лавина” од сите вас кои искрено ни се обративте, како и вие дежурни фб “душегрижници”, ви благодариме и продолжуваме посилно. Музичарите не се и не треба да бидат бедем за револт и распетие!
Ова е нашиот официјален став и ве молиме да не пишувате измислени изјави, кои не сме ги дале. Порталот/ите што објави/ја изјава без истата да биде дадена, очекуваме да напише/ат демант. Не би сакале нашата понатамошна комуникација да продолжи преку тужба.
Срдечно, Љубојна“ напишаа од бендот.
Се обидовме да им се јавиме на Влатко Лозановски, Кристина Арнаудова, Елена Ристевска, Панчо и Андреј од ДНК, Перо од „Нокаут“ и Дани Димитровска, но ниту еден од нив не одговори на повиците. Дарко Манасијески, кој му е менаџер на Слаткаристика, немаше коментар за манифестацијата, договорот и деталите.
Музичарот Ферус Мустафов за „А1он“ и „Макфакс“ вели дека пред некој ден му се јавиле да му понудат да настапува в сабота, при што тој прифатил.
„Јас понудив цена, тие веднаш ја прифатија. Ќе свирам чочеци“, вели Мустафов.
Според наши извори, повеќето од изведувачите не знаеле дека ќе настапуваат на прослава за поканата од НАТО. Договорите се веќе потпишани.
Владата не знае колку пари ќе бидат потрошени за прославата што ќе се одржи во 15 града со 40 изведувачи.
„Во наредните денови, кога ќе се утврдат сите детали за прославата, јавно и транспарентно ќе ги соопштиме сите информации за трошоците и организацијата на настанот“, изјави Миле Бошњаковски, портпарол на Владата, за „А1он“ и „Макфакс“.
Кристијан Ландов
