Во рамки на реализацијата на Проектот за Истражување, заштита, конзервација, реставрација, реконструкција и презентација на Античкиот театар во Скупи, реализирани се археолошки истражувања од тим од врвни експерти, а конзерваторските работи се спроведени согласно Законот за заштита на културното наследство, соопштија од Управата за заштита на култирното наследство во врска со изјавата на Роберт Алаѓозовски.
– На античкиот театар во Скупи во периодот од јуни 2013 година до мај 2016 година се извршени археолошки истражувања во кои целосно се истражи Театронот, Оркестрата, додека Скената не се доистражи целосно со оглед на тоа што во нејзиниот северозападен дел се наоѓаат современите христијански гробишта. Истражувачкиот тим беше составен од врвни стручни и научни лица специјализирани за античките театри и за локалитетот Скупи и тоа: професори, доктори на науки, магистри, археолози, конзерватори, архитекти од Филозофскиот факултет, ЈУ Музеј на град Скопје, НУ Конзерваторски центар Скопје, НУ Археолошки музеј на Македонија, НУ Музеј на Македонија, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Струмица, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Прилеп, НУ Музеј на град Гевгелија и НУ за управување со археолошкиот локалитет Стоби. За време на археолошките истражувања се најдени оригинални седишта In Situ, коридори, влезови, степеници, оплати и слично со што се добија доволно информации за изгледот на театарот, се наведува за досега реализираните активности.
По реализацијата на археолошки истражувања, а врз основа на Конзерваторскиот проект изработен од страна на НУ Конзерваторски центар Скопје, конзервиран е истражениот дел од Скената (сценска зграда) на Античкиот театар во Скупи.
– За гледалиштето на Античкиот театар во Скопје, НУ Конзерваторски центар Скопје подготви Идеен и Основен проект за конзервација, реставрација и реконструкција, кој беше изработен од стручни тим, во кој, покрај стручните лица од НУ Конзерваторски центар Скопје беа вклучени и раководителите и истражувачите кои ги спроведоа археолошките истражувања на Античкиот театар во Скупи, се посочува во соопштението.
За изведување на работите за конзервацијата, реставрацијата и реконструкцијата на гледалиштето на Античкиот тартар во Скупи, се наведува, спроведена е постапка за избор за најповолен понудувач и склучен е договор со економски оператор со А лиценца.
– Согласно Основниот проект, при конзерваторските работи ќе се употреби соодветен материјал за конзервација, како и травертин со исти карактеристики како и оригиналниот травертин употребен за изградба на Античкиот театар, пронајден при реализација на археолошките истражувања, наведуваат од Управата.
