Реакција на Синдикатот на македонската дипломатска служба

Од:

Извршниот одбор на Синдикатот на Македонската дипломатска служба, во врска со штотуку спроведената постапка во Министерството за надворешни работи на Република Македонија за повеќе испразнети места во македонските дипломатско- конзуларни претставништва во странство, констатира дека иако се направени некои напори, и во определен број случаи се донесени добри кадровски решенија, продолжува политиката на нетранспарентни и неотчетни кадровски постапки.

Притоа, посебно и очигледно недостасува сегментот на хуманост во утврдувањето критериуми за избор на кандидатите. Така, не е водено сметка за постарите колеги кои ближат кон пензија, ниту пак за цела една група колеги кои веќе подолг период не се упатуваат на работа во ДКП од недекларирани причини. Во однос на оние, пак, што не се упатени на работа во ДКП, останува фактот дека процесот за нивно унапредување, а за што тие веќе подолго време ги исполнуваат сите законски услови – едноставно е „замрзнато“ без никакво разумно образложение.

Во тоа светло, ИО СМДС го оценува сведоштвото и барањето на довчерашниот ЗМНР, што во Собранието дури и не беше дозволено да биде презентирано (преседан сам по себе), како обид за затскривање зад нејзината соработка со професионалната дипломатска служба. Исто како што нејзиното разрешување е само навидум затскриено зад нејзиното учество во Шарената револуција, иако вистинските причини повеќе од очигледно се на линија на партиско дисциплинирање на довчерашните коалициони партнери во власта, така и таа се повика на професионализмот иако немаше не само контакт туку ни интерес за Синдикатот и за проблемите со кои се соочува професионалниот состав на Министерството.

И наспроти повеќето обиди на Синдикатот да ја инволвира и да и’ даде прилика да се воспостави квалитетен однос на политичар со професионална администрација, се’ до нејзиното разрешување односот беше исклучиво едностран – таа ги користеше услугите на професионалниот состав не возвраќајќи во ниту еден момент и на ниту еден начин.

Уште еднаш укажувајќи на константните заложби на СМДС за професионална дипломатска служба која би била респектабилен репрезент на државните, а не на наводните партиски, интереси на меѓународен план, повторуваме и ќе повторуваме дека создавањето современа, ефикасна и професионална дипломатска служба, во која основен критериум за напредување ќе биде стручноста и дипломатското искуство, е неизбежен чекор, меѓу другото и за излегување од постојната сеопфатна политичка криза, но, и за справување со предизвиците со кои Македонија се соочува на меѓународен план.

ИО на СМДС, нагласува дека како облик на хетерогено здружување, значи организација во која, меѓу другите, има и подржувачи па дури и активни учесници на протестите на „Шарената Револуција“, преку граѓанскиот активизам на еден дел од своите членови, всушност се залага МНР да биде дистанцирано од нелегитимните стеги на владеачките елити односно на партиите – држава, и со тоа да се постигне крајно неопходното раздвојување на партискиот од државниот апарат. Тоа, впрочем, е услов без кој не се може доколку интенцијата за наша интеграција во евро- атлантската заедница е вистинска, а не лажирана.

Во оваа прилика укажуваме и на потребата за промена на менталната инерција на псевдограѓанскиот конформизам, бидејќи неограничената толеранција задолжително води до нејзино исчезнување. Доколку не сме подготвени да го браниме толерантното општество од нападите на нетолерантните, тогаш толерантните ќе бидат уништени, а и толеранцијата со нив.