Реакција на амбасадорот Петровски: Далеку од разумот

Од:

Трајан Петровски, писател и амбасадор реагира на написот: „Бабановски и Петровски известувале за половина интелектуална елита – Андреевски, Павловски, Јоновски, Чинго, Луловски, Шишков, Солев, Котески…“, објавен на еден портал.

Во реакцијата на Петровски стои:

Очигледно сте го презеле сензационалното соопштение на таканаречената Комисија за верификација на фактите, кое сте го гарнирале со ваше произволно толкување за лицата што наводно биле жртви на Бабановски и мене. Со тоа, најверојатно, сте имале цел да пласирате некакво сензационално откритие, со произволни, паушални тврдења, кои се косат со кодексот на објективното информирање и со важечките закони во државата. Поигрувањето со судбината на луѓето, особено на оние што имаат потврдени заслуги за својот народ, е тешка злоупотреба. Погазено е начелото за пресумција на невиност. Единствено надлежна судска институција може да утврдува такви факти, доколку работи објективно и непристрасно, без интервенции од други фактори, иако е познато уште од римско време дека и најголемото право може да биде и најголемо неправо. А познатиот борец за човекови права Мартин Лутер Кинг рекол: Една неправда ја поништува правдата во целина!

Сосема е јасно дека целта на ваквите неосновани исфабрикувани објави и манипулации од неквалификувани „стручњаци“ е да се оцрни одредена личност (во случајов мојата) да ѝ се нанесе штета на угледот, да се жигоса, да се класификува во групата наречена непријатели (предавници).

Со ова обраќање немам намера да се оправдувам. Мојата биографија (и творечка и дипломатска) е кристално јасна и се гордеам со сè што сум работел и постигнал. Немам намера да поднесувам никому никаков отчет. Никому.

Моето кратко службување во Секретаријатот за внатрешни работи кое се реализира во годините 1962 – 1966, (потоа напуштив сам), непосредно по дипломирањето, не може да претставува спој со работењето на кое било друго лице во тие служби, во случајов со почитуваниот Бабановски, кој според мене е добар стручњак и сигурно работел според законот. Јас не сум бил во тие млади години ништо повеќе од приправник и референт. Значи, не сум бил наредбодавец, инспектор, началник, кодош (кое е значењето на зборот кодош за некој што работи во службите за внатрешни работи!!!), ниту сум можел да давам какви било наредби со кои биле нарушувани правата и слободите на наведените личности. Ничија судбина не зависела од мене, ниту пак некој настрадал. Некои од нив не сум ги ни познавал.

Најголем број од документите немаат никаква врска со мојата работа. Подметнати се со очигледна цел.

При вакви тешки произволни обвинувања се поставува прашањето како било можно токму наведените лица како жртви да бидат во тоа време директори, главни уредници, членови на ЦК, на разни идеолошки и други комисии, на Активот на Сојузот на комунистите при ДПМ, да добиваат највисоки награди и признанија, да добиваат станови како заслужни граѓани, да станат универзитетски професори и академици во тоа анатемисано „комуњарско“ време, да докторираат, да шетаат по странство во разни државни делегации и да не набројувам.

Евидентно, работите со лустрацијата на македонски начин, се промашени. Извалкан е образот на редица чесни луѓе заради нечија намера. Се разнебитуваат најважните институции во државата, особено безбедносниот систем, кој работи во суштина и денес по иста шема. Последиците веќе се видливи. Но ќе дојде време кога ќе се врши некоја друга лустрација во која на удар ќе бидат денешните лустратори (инаку слабо упатени во ваква сложена материја, шпионажа, разузнавање, контраразузнавање), кои веќе нанесоа големо зло со своето незнаење.

Јас сум бил професионален дипломат триесет години. Сум бил амбасадор, вонреден и ополномоштен, и во поранешната Федерација и прв амбасадор на Република Македонија по осамостојувањето. Сум ги извршувал истите задачи како секој денешен и тогашен амбасадор на САД, Франција Грција, Бугарија, В. Британија и која било друга земја, согласно со меѓународните стандарди, секако застапувајќи ги интересите на сопствената држава. Зад мене не стоел никаков авторитет освен мојата стручност и професионалност.

Потписник сум на стотици договори и протоколи за соработка во сите области со голем број земји. Тоа беа првите договори по независноста. Сум организирал голем број државни посети и манифестации. Сум организирал голем број посети на стопански делегации што резултирале со потпишување договори со милионски суми. Сум преживеал и обид за физичка ликвидација со оружје (атентат) во 1992. Првите договори за признавање на независноста на Р Македонија и за воспоставување дипломатски односи со други влијателни држави, носат мој потпис. Сум ја возвишувал Македонија во најпресвртните години. Но да не набројувам. Дел од резултатите се сумирани во моите мемоари под наслов „Бев амбасадор на две држави“.

Мојот придонес за државата во целиот работен век, како афирмиран писател со над 50 објавени дела во земјата и странство и како дипломат од највисок ранг, не може да се премачкува со кал и да се подложува на ревизии и манипулации својствени на ситни души. Имам брилијантна биографија и стојам гордо исправен во ова македонско налудничаво време, независно од лагите и клеветите. Неизвесна е нашата колективна судбина. Општествениот морал стана мислена именка.