Ѓорги Павловски од Злетово деновиве бил искасан од магаре и поради бројните каснатини од бесното животно, завршил на Ортопедија во штипската Клиничка болница, јави „Канал5“.
Во момент кога Павловски го средувал дворот, влегло магарето, кршејќи ја дрвената ограда. Видно разбеснето, животното неконтролирано потскокнувало и ритало со задните нозе, кршејќи сè што му било на дофат. Во обидот да го смири магарето, 73-годишниот злетовчанец можел и фатално да настрада. Животното не се исплашило, туку буквално се нафрлило врз старецот и почнало да го гризе по телото.
– Како последица од гризот на магарето, создадени се поткожни крвни изливи. Најмногу се лоцирани во пределот на нозете, грбот и на стомакот – соопштиле за телевизијата од штипската болница.
Од сигурна смрт, Ѓорги, го спасиле соседите и најблиските. Бесното магаре успеале да го избркаат со стапови, што подалеку од дворот.
Ветеринарите предупредуваат да се внимава на однесувањето на животните, особено кога се во време на парење. Тогаш агресивноста кај мажјаците станува доминантна, дури и кај оние животни кои важат за кротки суштества.