Расправа за разрешување на Комисијата за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос

Од:

Собранието на Република Македонија денеска ја почна расправата за Предлогот за разрешување на претседателот и членовите на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Според опозицијата, ова е обид откако ќе се разрешат старите, да се постават нови, како што рекоа, партиски членови блиски до власта, за Комисијата да ги покрива незаконските процедури и постапки што ќе ги направи Владата.

Разрешувањето е незаконско е, бидејќи, како што рече пратеникот Зоран Илиоски, претседател или член на комисијата може да се разреши на предлог на собраниската Комисија за избори и именувања и да бидат исполнети шест законски основи за разрешување пред истекот на мандатот и тоа: ако сам побара, ако трајно ја загуби способноста за вршење на функцијата, ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело, ако исполнува услови за старосна пензија, врши работи неспојливи со функцијата или ако настапила смрт.

Со оглед дека тоа дека не е испонет ниту еден основ, рече Илиоски, ова е грубо кршење на Деловникот и Законот за работа на Собранието.

На ова реагираше координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, кој рече дека е очигледно оти опозицијата со дискусијата по оваа точка само сака да ја одолговлекува седницата за да не дојде на ред точката со измените на Изборниот законик.

Тој рече дека нема ништо спорно во овој предлог, затоа што, потенцира, покрај став 1 од членот 4 што го цитираат пратениците од опозицијата што ги содржи шесте услови, има и член 2 кој вели дека разрешување на претседателот и членовите на оваа Комисија може да побара и Владата.

На Тунтев, пак, реагираше пратеничката Невенка Трајковска, која рече дека во став два се вели оти предлог може да даде и Владата, но тој да треба да е поврзан со ставот 1 односно со некој од шесте услови.

Пратениците од опозицијата сметаат дека е спорен и моментот што Комисијата се менува врз основа на Извештај за работата на комисијата за 2016 година. Тие посочија дека на ваков начин ќе се доведе во прашање работата на Комисијата, бидејќи, откако ќе бидат разрешени старите до поставување нови ќе има празнина и ќе се трупаат предмети.

Претходно со 76 гласа „за“, без воздржани и против Собранието на денешното продолжение на 53.седница ја донесе Декларацијата за поддршка на пристапниот процес за членство на Република Македонија во НАТО.

Македонското Собрание ќе ја продолжи работата по точките од дневниот ред на оваа седницапо редовната едночасовна пазуа.