Работодавачите ја користат владината мерка за платена замена на родилките

Од:

Приватниот сектор е задоволен од владината мерка со која им се овозможува додека некоја од вработените е на породолно отсуство, да ангажира нејзина замена, а за неа придонесите да ги плаќа државата.  
Со оваа мерка работодавачот има обврска лицето кое ќе го вработи како замена да го распореди на истото работно место на кое работела бремената жена и да и исплаќа плата. По истекот на породолното отсуство на работникот и неговото враќање на работа, работодавачот е должен да ја задржи замената уште најмалку за истиот период за којшто бил ослободен од плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување.
– Имам вработено лице со 29 години, стоматолошка сестра, според законот што го донесоа. Во меѓувреме, жената не знаела дека е бремена и сега направив нејзина замена бидејќи таа отиде на породилно отсуство. Државата ги плаќа придонесите додека таа е на породилно боледување. Нејзината замена е ослободена од плаќање придонеси, вели Зоран Илиевски, сопственик на приватната здравствена установа „Д-р Светлана Илиевска“ во скопската населба Ченто. 
Со Законот кој беше донесен од Владата на Република Македонија, како што појаснува Илиевски, за нововработените се ослободени една година од плаќање придонеси, а должни се како сопственици на ординациите да ги задржиме уште една година. По една година можат да ги отпуштат.
Тој информира дека досега кај пет ординации се случило на работа да примат бремена жена која откако заминува на породилно боледување, државата на замената и ги плаќа придонесите.
– Придонесите додека трае замената се на товар на државата. Ние сме ослободени од придонеси, само треба да исплаќаме плати. Лесно е да се најде замена преку Агенцијата за вработување, без никаков проблем. Донесено е и издадено ни е решение во најкраток можен рок, а нововработената почна со работа без никаков проблем, потенцира Илиевски. 
Тој им порача на работодавачите да ги искористат мерките што ги овозможуваат Владата и Министерството за труд и социјална политика. 
– И другите нека пробаат да видат дека бериќет ќе имаат. Досега имам вработено две лица со мерката до 29 години и сега замената е трето лице. Доколку би имале услови би продолжиле и понатаму да се прошируваме со работата и да вработуваме и нови лица. Генерално задоволен сум од работата на лицата што ги ангажиравме преку Агенцијата за вработување, изјави Илиевски.