Протест пред Општина Карпош поради загадувањето

Од:

Денес пред затворената капија на Оштина Карпош се одржа симболичен граѓански протест со цел да се сврти вниманието на загадувањето на атмосферскиот воздух кое веќе подолго време во општина Карпош достигнува алармантни размери. Ова е еден од чекорите кои ние како самоорганизирани граѓани можеме да ги преземеме, изјавија преставниците на граѓанската иницијатива Анте Попоски и Невена Георгиевска, жители на Карпош.

„ За жал, наместо нашиот глас да биде чуен оставени сме само да гледаме како чадот се подигнува од повеќе локации, стигнува до нашите домови и систематски не труе. Го направивме тоа што секој цивилизиран граѓанин на една урбана општина како што е Карпош треба да го направи – се обративме до сите институции и особено апелиравме за поголема ангажираност на Општината Карпош и Градоначалникот Јакимовски за што ви доставуваме копии од дописите. Сепак, оттаму само добиваме автоматизирани сувопарни одговори и безмалку никаква реакција на терен.

Затоа, дел од нашите сограѓани излегуваат самоиницијативно на терен во зоните на ризик (Момин поток, Мостот Газела, Криви дол, Кејот на Вардар) и самите идентификуваат кој загадува, а во најголем број на случаи тоа се запалени диви депони, диви работилници, семјства на бездомници кои горат пластичнии материјали и хемикалии. Деталите ги пријавуваат во општината и до надлежните инспекции. За жал повторно без одговор“, изјавија тие.

Велат дека покрај тоа што Општината дозволила да се изградат бројни нови станбени објекти (поголемиот број висококатници) и ги затворила каналите за природен проток на воздух, деновиве сме сведоци дека експанзијата е насочена и кон кејот на Вардар долж Булевар Илинденска. „Дополнително, Општината при ваква енормна градежна експанзија успева да ги потроши тие и парите кои граѓаните ги издвојуваат за даноци секоја година, па дополнително и се задолжува а ние како жители не само што немаме подобрени услови за живот, наспроти тоа истите се екстремно влошени“, велат жителите на Карпош.

Тие најавија дека нивните следни чекори се мирни протести и поголема ангажираност на терен. „Се надеваме само дека нема да се исцрпат демократските и цивилизираните начини за разрешување на овој клучен проблем. Сепак доколку изостане реакцијата и следни чекори од страна на Јакимовски и Општина Карпош, ќе бидеме истрајни проблемот да го ескалираме во континуитет се до неговото решавање“, велат од граѓанската иницијатива.