Протест на здравствените работници: Владата се занимава само со себе, а ние не можеме рата за кредит да платиме

Од:

Здравствените работници одржаа мирен протест пред Градската општа болница „8 септември“ поради доцнењето на платите за јануари и порачаа дека нема да подлегнат на притисоците кои доаѓаат од власта за да не штрајкуваат.

– Има незадоволство поради неземена плата, пробиен е законскиот рок, а кредити имаат најголемиот дел од вработените. Некои земаат минимална нето плата. Денеска добивме известување во кое се вели дека овој протест не е официјален – рекоа од независниот синдикат на болницата.

Претседателот на КСОМ, Марјан Ристевски рече дека не добиле повик од Владата за разговори иако имало официјален допис до премиерот Димитар Ковачевски.

– Владата се занимава само со себе, ја заборавија основната функција да се грижат за работниците. Здравствените работници прават натчовечки напори работејќи во лоши услови и за тоа уште да не бидат платени. Докторите се револтирани и апелираме да се даде што побрзо платата. Овие луѓе немаат земено К-15 дваесет години. Синдикатот не протестирал според зборовите на директорот на ГОБ и тоа значи дека веќе почнаа да не делат на наши и ваши – рече Ристевски и додаде дека од ФЗО му најавиле дека до крајот на денот ќе успеат да го покренат системот за плати.