Протест на Шарената револуција во Хаг

Од:

Македонците кои вчера во Хаг, Холандија протестираа за поддршка на Шарената револуција испратија писмо до Амбасадата на Република Македонија во Кралството Холандија.

Го пренесуваме писмото во целост:

„Денес, на 30 април 2016 година, во Хаг, меѓународниот град на мирот и правдата, загрижени за демократијата, слободата и владеењето на правото во Македонија, огорчени од самоволието на режимот, но и охрабрени од масовната мобилизација на илјадници граѓани кои ја започнаа Шарената Револуција, се собравме за да изразиме целосна поддршка на отпорот и на сите барања на граѓанското движење „Протестирам“ и на Шарената револуција:

– Итно повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и против кои е покренато обвинение од страна на Специјалното јавно обвинителство (СЈО);
– Итна и неотповиклива оставка на Ѓорге Иванов од функцијата Претседател на Република Македонија;
– Произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО;
– Формирање на специјално одделение на Кривичниот суд, кое ќе биде надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО;
– Итно повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни;
– Задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата;
– Формирање на преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе.

За праведна и слободна Македонија, во која владее правото, еднакво за сите“.