Промовирана студија за одливот на мозоци

Од:

Денеска во Наставничкиот клуб на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје со почеток од 13 часот се одржа промоција на документот за јавна политика „Воспоставување на критериуми за квалитет во општествените науки во функција на спречување на одливот на мозоци од Република Македонијa“ во издание на Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ од Скопје. Примарните извори на информации на ова истражување се базираат на спроведената анкета со научници, универзитетски професори, соработници и истражувачи кои работат во областа на општествените науки во РМ. Анкетата со целната група беше спроведена во периодот од 20 септември до 2 октомври 2017 година.

Истражувањето на институтот покажа дека е создаден потенцијал за миграција на високообразовани професионалци, научници и истражувачи и во општествените науки. Тоа го урива досега присутниот стереотип во македонската јавност дека потенцијалот за мигрирање доминантно постои во областа на техничките и медицински науки. Истражувањето покажа дека 68,75% од испитаниците би ја напуштиле земјата и би живееле во странство доколку би им се укажала можност. Истовремено, 27,16% од анкетираните за пет години се гледаат во странство.

Висок интерес за мигрирање покажува категоријата на најобразовано население. Речиси 20% од испитаниците имаат преземено конкретни активности за напуштање на земјата, а преку 40 % од испитаниците би прифатиле работа во странство која не одговара на нивните квалификации

Студијата на ИСИЕ нуди неколку препораки за клучните носители на политики, првенствено Министерството за образование и наука на Република Македонија, универзитетите како и другите институции и организации. Истата е објавена на македонски и албански јазик.

Ова истражување беше овозможено со поддршка од програмата Цивика мобилитас.