Институтот за истражување во животна средина, градежништво и енергетика ИЕГЕ и Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, вчера на 14ти септември, официјално ја отворија и промовираа професионалната програма за Развој на одржливо лидерство.
Програма за Развој на Одржливо лидерство во Македонија е основана со цел создавање на конкурентни кадри кои преку својот професионален развој ќе ги усовршат своите знаења и вештини потребни за градење на одржливи системи и организации во склад со зачувување на животната средина и грижа за природните ресурси.
Професионалната програма за Развој на Одржливо лидерство е креирана во рамките на проектот PoSsibLe,финансиран од ЕУ програмата Еразмус+, за градење Стратешки партнерства во областа на високообразование.
Она што е посебно значајно да се истакне дека соработката во овој проект претставува мост помеѓу академијата и бизнис заедницата, поттикнувајќи континуирана соработка која создава синергија помеѓу теоријата и практиката, со цел да се пренесат знаења и искуства од двете страни и на тој начин да се оствари заеднички успех кој ветува долгорочни резултати.
Во рамките на проектот обезбедени се целосни стипендии за најдобрите 20 кандидати, кои ќе имаат можат да ги усовршат своите менаџерски и лидерски вештини. Едногодишната програма ќе се спроведува на англиски и македонски јазик, а се состои од 8 предмети кои ќе се реализираат од октомври 2017 до мај 2018 година. Секој предмет ќе биде реализиран со комбинирано учење, во училница и систем за е-учење.
За најдобрите студенти ќе биде организиран студентски престој на Универзитетот во Грац, Австрија во летниот семестар.
Програма ќе ја имплементираат домашни и меѓународни предавачи со долгогодишно професионално искуство од следниве институции:
Економски факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје;
Институтот за истражување во животна средина, градежништво и енергетика, Скопје;
Економски факултет при Уиверзитетот во Љубљана, Словенија;
Институт за системски науки, иновација и истражувања за одржливост при Универзитетот во Грац, Австрија;
Економски факултет при Универзитетот во Каунас, Литванија.
Рокот за пријавување е до 25 септемви 2017 година, сите заинтересирани кои сакаат да станат дел од проектот Еразмус + можат да ја испратат својата кратка биографија и мотивационо писмо на англиски јазик во електронска форма на [email protected] со назнака Апликација за Програма за Одржливо лидерство.
Исто така заинтересираните може да добијат повеќе информации за програмата на http://erasmuspossible.com.
