Промовиран VoiceUp – проект за креативно изразување на младите

Од:

Под мотото – “Сликни. Сними. Сподели.”, денеска беше промовиран новиот проект VoiceUp, кој ќе ги поттикне младите креативци во Македонија активно да се ангажираат во создавањето на нови содржини и нивна промоција преку социјалните медиуми.

Проектот, поддржан од УСАИД Македонија,  е насочен кон сите млади заинтересирани за создавање постери, фотографии, музика, кратки филмови и аудио, визуелни и аудио-визуелни содржини преку кои ќе одекне нивниот глас, став, мислење и идеја за сите прашања кои ги засегаат нив и нивното опкружување. Тие ќе имаат можност да се стекнат со алатки за промоција на сопствените идеи преку социјалните медиуми и да се запознаат со моќта која социјалните медиуми ја имаат во денешното општество.

Јелмаз Дервиши, еден од организатоприте, изјави дека проектот ќе се одвива во неколку фази во кои се предвидени и еднодневни средби за пренос на знаење во пет градови низ Македонија – Битола, Свети Николе, Скопје, Гостивар и Куманово. 

За време на проектот ќе се снима документарен филм кој премиерно ќе биде прикажан на завршниот настан, што ќе биде сублимат на сè она што било сработено од страна на учесниците.

Тијана Петковска, која е дел од проектот, ја истакната важноста на овој проект кој ги спојува социјалната димензија на социјалните медиуми и мултимедијалните содржини, како идеален начин за креативно изразување. VoiceUp ќе има посебна веб платформа на која ќе можат да се најдат сите содржини изработени од учесниците и која ќе овозможи пристап до туторијали и форум преку кои, учесниците ќе можат да разменуваат знаења и директно да контактираат со самите ментори.

Проектот се реализира во соработка со Меѓународниот славјански универзитет „Г. Р. Державин“, Еуро Колеџ-Куманово, Центарот на култура АСНОМ во Гостивар и бројни невладини организации од цела Македонија.

Повикот за учесници на проектот е сè уште отворен за сите оние кои се на возраст од 18 до 35 години (со можност за прифаќање и на апликации од апликанти постари од 35 години).