Цврсто сум убеден дека со искрена соработка со институциите и со Владата на Република Македонија ќе успееме да ги воведеме вистинските европски стандарди во општина Сопиште.
Ова вечерва на вечерашната трибина го истакна кандидатот за градоначалник на општина Сопиште од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата За подобра Македонија и актуелен пратеник во Собранието на Република Македонија, Стефче Трпковски.
– Сопиште ќе биде општина на задоволни граѓани, општина каде чесноста, искреноста и вистинските демократски процеси ќе бидат движечка сила во функционирањето и работата на локалната самоуправа, рече Трпковски.
Тој вети дека ќе се залага за развој на сите 13 населени места во општината и оти ќе им помага на граѓаните без разлика на верска или етничка припадност и без разлика на која политичка партија припаѓаат.
– Со искрена работа и труд сите жители на општина Сопиште ќе видат една сосема нова отворена и кон целата јавност посветена локална самоуправа, истакна Трпковски.
Најави дека напорно ќе работи на проекти поврзани со водоснабдувањето, подобрување на инфраструктурата и на хигиената, ќе се залага за создавање инвестициска клима во општина Сопиште, подобрување на условите за образование, културата и спортот,…
На вечерашната трибина во општина Сопиште присуствуваа заменик министерот за локална самоуправа Сашо Лазаровски, државниот секретар во Министерството за образование и наука Елизабета Тодоровска, актуелниот градоначалник Јован Георгиоски и други пратеници.