Преку 600 планинари од цела Македонија денеска учествуваа на 5. Републичкиот планинарски марш до манастирот Трескавец кој организира планинарското друштво „Козјак“ од Прилеп во чест и спомен на Даре Џамбаз, еден од осовоположниците на планинарството во Македонија.
Според Методија Ризаноски, претседател на планинарското друштво „Козјак“, годинава на маршот учествуваа најмногу, преку 600 планинари од земјава кои ја изодеа турата од 16 километри. Годинава учесници имаше и од Косово, од Грција и од Англија.
– Маршот во должина од 16 километри го почнавме од прилепското село Дупјачани, потоа турата беше преку локалитет на гробници од 3 и 4 век вклесани во камен, кај Горно Село каде е плочата во спомен на Даре Џамбаз па се до манастирот Трескавец. Турата не е многу тешка но учесниците уживаа во изодување на патеката. Планината е извор на здравје и на пријатели. Кога се гледаме и на други тури срдечно се поздравуваме, а пријателствата остануваат. Секако уживаме во природата, во глетката, а од манастирот Трескавец глетката е незаменлива, вели Ризаноски.
На Трескавец сретнавме планинари од многу градови меѓу кои од Скопје, од Струмица, а и посетители од Лерин, Грција.
– Прв пат сум учесник на маршот. Одлично е , организацијата е на ниво. манастирот изгледа убаво, а ќе биде уште поубав кога целосно ќе се обнови, вели Дејан Младеновски од Скопје.
На пешачење и во посета на манастирот „Успениое на пресвета Богородица “Трескавец“ се и планинари од Лерин, Грција.
– Четврти пат доаѓам на манастирот. Сега заедно сме друштво од четворица. Прекрасно е, уживаме во природата и во манастирот, вели Ставрос Пападопулос од Лерин.
На учесниците и на сите кои помогнаа да се одржи овој веќе традиционален марш им беа доделени благодарници.
Во Прилеп се пет планинарски друштва и планинарењето во Македонија има се поголем број приврзаници. Нова планинарска тура со учесници од цела Македонија по Селечка Планина ќе има за две недели, на 15 април во организација на најмладото планинарско друштво од Прилеп – „Мамути“.
