Прекината комисиската расправа за предложените промени за бегалците и странците

Од:

Дискусијата денеска во собраниската Комисија за труд и социјална политика за предлог Стратегијата за интеграција на бегалци и странци за периодот од 2017 до 2027 и за Националниот акциски план за интеграција на бегалци беше прекината по настапот на претставничка на невладината организација „Легис“.

Седницата беше свикана да се разгледаат документите со кои се предлага уредување на интеграцијата на бегалците и мигрантите во Македонија, при што претседавачот на Комисијата, Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, изнесе десетици забелешки на предложените текстови до заменик министерот за труд и социјална политика Елми Азири. Ѓорчев ги истакнуваше деловите од предложените документи во кои се предлага обезбедување сместување, услови за образование, квалификација за работа, здравствена заштита, пристап до пазарот на кредити и можност за формирање компании за бегалци и други странски државјани и ги споредуваше со, како што рече, предложените кратења во буџетот на Република Македонија за образование и здравствена заштита за македонските државјани.

„Во акцискиот план предлагате да се воведат политики и модели и да се подготват мерки за локална интеграција на бегалците и странците на ниво на општините. Посочете ни конкретно во кои општини мислите тука? Праќате циркуларни барања до сите општини во Македонија, па кажете ни дали ова се однесува на центарот во Визбегово и Демир Капија, дали се планира проширување на центрите во Гевгелија и Куманово“, Ѓорчев го праша заменик министерот Азири, кој не прецизираше во кои општини се планира да се спроведуваат мерките за интеграција на бегалците и странците.

Градоначалникот на Гевгелија, Иван Франгов им укажа на пратениците дека неговиот град со 16.000 жители се соочувал со дневен прилив од 10.000 бегалци во екот на кризата, и посочи дека само Гевгелија и Куманово знаат што значи да се справиш со толкав наплив на бегалци.

Ѓорчев упати серија прашања за тоа дали Министерството подготвило анализа каков ќе биде ефектот на пазарот на трудот доколку Македонија се отвори за масовен прилив на ниско квалификувана работна рака, како и за тоа дали бегалците и мигрантите ќе добиваат приоритет при делењето на социјални станови, отворени места во градинките, здравствената заштита и другите програми за помош кои се предвидени во документите изготвени од страна на Министерството.

Ѓорчев дополнително повеќе пати посочи дека предложените документи содржат предвидени ставки за финансирање на експерти од областа на миграцијата и праша од кои организации ќе бидат регрутирани таквите експерти.

Јасмина Голубовска од невладината организација „Легис“ бурно реагираше на должината на воведното обраќање во кое беа претставени Стратегијата за интеграција и Националниот акциски план, велејќи дека со тоа се троши времето на учесниците во дискусијата. Ова ја вжешти дискусијата во комисиската сала.

По обраќањето на поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Андонов, кој ги образложи безбедносните ризици кои произлегуваат од предложените промени во владината политика кон бегалците и мигрантите, дискусијата беше прекратена.