Правата на новинарите се штитат со синдикално органзирање и колективен договор

Од:

Без решавање на професионалните и работни права на новинарите нема независно, објективно и професионално новинарство, оценија учесниците на денешната конференција „За медиумските работи“ во организација на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Претседателката на ССНМ Тамара Чаусидис,рече дека работните и професионални права на новинарите се штитат само со синдикално организирање со колективен договор. На конференцијата беа претставени преднацрт документот за Колективен договор за медиуми и медиумски работници во Македонија и Стратегијата за лобирање.

Амбасадорот на Велика Британија, Чарлс Гарет на отворањето на конференцијата порача дека подобри работни услови значат посреќни работници, а позадоволни вработени даваат и поголем квалитет и повеќе квантитет.

– Подобар квалитет на медиумите значи подобра информираност и поголем диверзитет на мислења, а тоа се разбира е клучот за силна демократија, рече Гарет.
Претседателот на Европската федерација на новинари Могенс Блишер Бјерегард го истакна значењето на една ваква конференција и порача дека слободните медиуми, односно можноста да се работи слободно и независно се појдовна точка за создавање на слободна и независна демократија.

Одговорот на прашањето зошто е важно да се биде член на синдикат, продолжи Бјерегард е едноставен.

– Бидејќи само заедно и со солидарност можеме да ги заштитиме нашите права. Не само за вас во Македонија, туку и за сите нас во Европа, нагласи Бјерегард.

На конференцијата учествуваше и министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска- Ременски, која изрази поддршка на сите медиумски работници во нивната битка за застапување на работничките права и колективното договарање, нагласувајќи го прашањето за синдикалниот плурализам во Македонија и неговата регулираност со закон.
Претставникот на Министерството за информатичко општество Димитар Буковалов ги изнесе политиките и мерките на Министерството кои се однесуваат на подобрување на условите за работата на новинарите и слободата на медиумите со цел обезбедување на високо квалитетно и професионално новинарство, а во насока на надминување на забелешките добиени од страна на ЕУ.

Мерките, продолжи Буковалов, се однесуваат на тоа дека од јавен интерес е постоење на слободни и транспарентни медиуми, постоење на меѓународно усогласена медиумска легислатива и развиена медиумска и политичка клима, адекватни договори за работа на новинарите со доволна социјална заштита за обезбедување на непристрасност и независност во работењето, обуки и едукација, како и етички кодекс за работа и гарантирање на нивната безбедност, се со цел да придонесат за развојот на демократските процеси во земјата.

На конференцијата присуствуваа и претставници на синдикати на новинари од регионот. Јасмина Поповиќ од Синдикатот на новинари на Хрватска порача до сите новинари во регионот дека мора да бидат свесни дека работодавците и политичарите се свесни за нивните слабости и играат на карта на заплашување и закани, но дека и досегашната работа покажува дека секој отпор предизвикува почит од друга страна. Дејан Глигоровиќ од Синдикатот на новинари на Србија нагласи дека социјалните мрежи и цивилното новинарство на некој начин ја ставаат под знак прашалник новинарската професија, како и дека цивилното новинарство не може да ги замени сите начела поставени од новинарската професија. Тој смета дека медиумите со квалитетни и проверени информации полека ја губат битката со брзото и непроверено примање на информации од социјалните мрежи без многу проверување.

Конференцијата е дел од проектот „Работнички права на медиумските работници“, поддржан од Британската амбасада.