Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на пладне ќе се координираат со лидерот Христијан Мицокски, откако денеска поминуваат 10 работни дена по гласањето на дневен ред на седницата за Уставните измени, брифираат од пратеничката група за А1он. На координацијата ќе се разговара за тоа што понатаму, бидејќи според опозициските пратеници, денеска мора да се одржи седницата за гласањето на потребата од отворање на Уставот.
Според информациите на А1он, група пратеници ќе побараат да се одржи седницата, потсетувајќи го собранискиот спикер Талат Џафери дека доколку денеска не се одржи седницата, тој ќе го прекрши Деловникот на законодавниот дом. Сепак, детали се најавуваат по координацијата.
За тоа дека денеска мора да се одржи седницата потсетува и поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, кој преку писмо му порача на Џафери дека ако не ја одржи седницата, целата одговорност си ја префрла врз себе. Но од кабинетот на собранискиот спикер не сакаат да го коментираат писмото на Вељаноски. Од таму кратко велат: „Конкретно за Уставните измени, претседателот Џафери имаше прес конференција на 21 август“.
Доколку денеска се продолжи седницата пак, и официјално пропаѓа обидот на власта да ги внесе бугарите во Уставот, нешто што беше прифатено со Францускиот предлог, кој потоа стана и преговарачка рамка на Македонија со Европската Унија.
И додека опозицијата бара уште денеска да се гласа потребата од Уставни измени, власта е во лов на 10 пратеници, бројка која им е потребна за да добијат дво-третинско мнозинство. Владата со различни ставови – Министерот Оливер Спасовски пред медиумите кажа дека се разговара со сите пратеници, за да ги убедат дека треба да гласаат „за“ измените на Уставот. Во истиот ден, вицепремиерот Бојан Маричиќ излезе со дијаметрално различен став, дека не се разговара со пратениците од опозицијата. Сепак, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека до сега немало притисоци врз нивните пратеници да дадат зелено светло за внесување на бугарите во македонскиот устав, што е услов за Македонија да ги продолжи преговорите со Европската Унија.