Пожарникарите апелираат саботните настани да не се повторат

Од:

Независниот синдикат на пожарникарите на Македонија (НСПМ) апелираше никогаш повеќе да не се повтори саботниот инцидент, кога беше нападната противпожарната екипа што интервенираше во гасењето на запалениот автобус кај клучката „Детелинка” во Скопје.

„Припадниците на протипожарните единици најсовесно, најпрофесионално и по цена на сопствениот живот секогаш и насекаде имале и имаат само една цел – отстранување на непосредната присутна опасност по животот и здравјето на луѓето и материјалните средства, како и спречување на настанување на штети од поголеми размери”, велат од НСПМ.

„Нашата приоритетна цел секогаш е заштита на животите на граѓаните, токму во остварувањето на таквата цел голем број наши колеги несебично го дале својот живот или трајно го нарушиле своето здравје. Најмалку што очекуваме во остварување на нашата цел и задача е нашите животи да бидат загрозени токму од оние чии животи ние сакаме да ги спасиме”, се вели во соопштението од НСПМ.

„Затоа уште еднаш апелираме до сите граѓани – никогаш повеќе да не дозволат да се повторат настаните од сабота 02.03.2013 година кога наши колеги беа повредени од демонстрантите иако тие беа таму само со една и единствена задача токму демонстрантите и случајните минувачи да ги заштитат од пожарот на запалениот автобус. Во оваа смисла истакнуваме дека за нас категоријата демонстранти не постои за нас постојат само граѓани кои во времето на извршување на нашата работа можеби се нашле на различна страна од барикадите”, велат од НСПМ.