Драгана Дрндаровска од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ изјави дека во 15-тина учебници кои во моментов се користат во високото образование биле детектирани дискриминаторски содржини кон лицата кои користат дрога, ЛГБТ и луѓето кои живеат со ХИВ. Ова го кажа на денешната конференција „Кон образование без дискриминција: Заложби за надминување на дискриминацијата во учебниците за високо образование“.
Таа додаде дека е потребна посистематска ревизија и комплетно модернизирање на учебниците и учебните помагала, бидејќи во нив има дискриминација по повеќе основи. Како што кажа таа со овој проблем се занимаваат од 2009 година и досега преку соработка со Комисијата за заштита од дискриминација и Народниот правобранител, успеале делумно да отстранат содржини од некои учебници. Сепак, се уште има голем број учебници од кои за некои имаат позитивна одлука, меѓутоа авторите и универзитетите одбиваат да ги повлечат.
– Примерите каде хомосексуалноста се третита како перверзија или болест, и се наведуваат луѓето кои користат дрога се бројни. Но, она што навистина загрижува е што тие се употребуваат на факултети како Социјални работи и политика или на Психологија на кои што учат студенти кои во иднина треба да работат со овие луѓе, да им помагаат и да имаат позитивнио ставови, наместо дискриминација и стигма, вели Дрндаровска.
Според неа проблемот е и во квалитетот на учебниците од високото образование, со оглед дека хомосексуалноста не се смета за болест уште од 1990. година, а наши професори издаваат учебници во 2009 година каде што тврдат дека е болест.
Професорот на Правниот факултет при Тетовскиот универзитет и член на Комисијата за антидискриминација Беким Кадриу, вели дека повеќе се забележува дискриминација по основ на пол и род, сексуалноата ориентација, верска и етничка припадност, а за дискриминацијата во учебниците вели значајен е пристапот на институциите.
За надминување на проблемот со дискриминирачките содржи, професорот Љубомир Фрчковски можност гледа во внесување на вредностите на европскиот образовен простор како темел на новиот закон за високо образование и преку промени во определени програми и курикулуми кои треба да ги наметне ректоратот преку ангажирање на квалификувана група професори, помош од надвор и учество на НВО и експерти од областа.
