Постхумно објавена студија од статистичарката Светлана Антоновска

Од:

Неодамна, постхумно е објавена студијата „Решавање на транспортниот проблем со унгарски метод“ од истакнатиот општественик и статистичар Светлана Антоновска (1952-2016).

Оваа студија од областа на применетата математика, којашто ја претставува најраната фаза на научната работа на Антоновска од периодот на седумдесеттите години на минатото столетие е прва од серијалот книги на/за оваа значајна личност на македонскиот 2о век, коишто се планира да бидат објавени по нејзиното физичко заминување. Со објавувањето на оваа студија, започнуваат активностите за одбележување и на јубилејот – 65 години од раѓањето на Антоновска.

Студијата „Решавање на транспортниот проблем со унгарски метод“, со ова публикување, за првпат е достапна за јавноста. Евидентно е дека до сега, во Македонија нема обемна литература којашто ја третира проблемската, односно тематската одреденост на оваа студија, сврзана со линеарното програмирање. Поради тоа, точно шест месеци по физичко заминување на Антоновска, нејзиното семејство, севкупниот тираж на публикуваната студија ќе го донира на библиотеките на високообразовните и научните институции, како и на локалните библиотеки низ земјава, со надеж дека ќе има применлива функција во работата и истражувањата на младите посветеници на применетата математика, односно на младиот кадар којшто се интересира за линеарното програмирање. И оваа донација е во духот на целоживотните залагања на Антоновска за поддршка на млад стручен и научен кадар.

Во текот на втората половина на 2017 година ќе биде објавена и монографија за животот и делото на Светлана Антоновска.