Поранешниот член на ДИК, Субхи Јакупи избран за виш управен судија, бидејќи бил најдобриот кандидат, оцени Караџовски

Од:

Поранешниот член на ДИК, Субхи Јакупи, кој беше разрешен со колегите зашто си делел бонуси, на последната седница на Судскиот совет беше избран за виш управен судија. Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, на конференција за реформи во судството во Охрид рече дека очигледно Јакупи бил најдобриот кандидат зашто ги добил потребните гласови за да биде избран.

На новинарско прашање дали Јакупи бил најдобриот избор за судија, Караџовски одговори: „Очигледно од мнозинството членови на Судскиот совет дека беше најдобриот кандидат. Единство немаше во гласањето, но го доби потребниот број гласови и тука немам што да кажам. Ги имавме предвид сите забелешки, меѓутоа, изборот беше таков каков што заврши.

Јакупи, кој беше и заменик-министер за правда од ДУИ, заедно со уште седум членови на ДИК поднесоа оставки од функциите од лични причини, а Собранието ги констатира. Оставките следуваа по притисокот на јавноста која реагира затоа што бонусите во износ од четири плати си ги доделиле тајно за ангажманот за локалните избори во октомври лани.

Информацијата ја обелодени американскиот амбасадор Џес Бејли. Од Комисијата тогаш рекоа дека нема ништо нелегално во одлуката за дополнителен надоместок, а за нетранспарентноста ја прозваа службата за односи со јавност, која наводно навреме не ја објавила информацијата.

Васко Маглешов