Поповски: До ослободување преку исмевање

Од:

Македонската култура може да се ослободи од политиката со многу хумор. Работите мора да се исмеваат. Стравот се победува само со смеа, вели режисерот Александар Поповски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Како ги оценувате случувањата на македонската културна сцена вака од дистанца, кога изминатава година не бевте толку често во земјава?

Оценката за македонската култура во изминатите години ќе треба малку да почека. Многу малку се создава автентична култура, а многу се создава нарачана култура. Ние во сите области главно имаме приредби, коишто се пригодни, не се ослободени од политички влијанија. Недостига едно сериозно ослободување. Во Министерството за култура има комисија којашто одлучува кој ќе работи. Сè додека има комисија не знам за каква слобода разговараме. Јас сум да речеме натпросечно добар режисер, да не се лажеме, не сум потпросечен. Јас конкурирам во Министерството за култура и некој, не знам ни кој, не сме на исто ниво се извинувам, почнува да размислува дали јас треба или не треба да работам. Театрите, да речеме, имаат уметнички директори. Која е функцијата на уметничкиот директор којшто праќа своја програма во некоја комисија во Министерството за култура, во која пак не знаеме кој седи, којашто одлучува кој што ќе работи во оваа земја. Додека постои тоа, немој некој да ми зборува за слободна култура. Јас осум години по ред пријавувам проект по музичка дејност, којшто е следниот: Поезијата на Кочо Рацин групата Фолтин да ја преточи во музика и да ја отпее. Осум години некој врвен од некоја комисија ме одбива. Нека ми каже некој што им фали на Кочо Рацин и на Фолтин и јас тогаш ќе кажам дека културата во Македонија не е партизирана.

Од тој аспект, ако можеме да направиме некаква паралела, Министерството за култура неодамна најави дека во наредните пет години ќе дава субвенции од три илјади евра за песни за семејни вредности и за трето дете, ако може така да се формулира.

Вака ќе биде сè додека Министерството за култура ги нарачува работите. Министерството за култура треба да биде менаџер, да ни го отвора просторот во којшто ние ќе делуваме, а не да ни кажува што ќе пишуваме. Јас ќе пишувам слободен состав, тоа се наши пари и за наши пари ние ќе пишуваме слободен состав. Јас разбирам дека министерството, владата, сака да диктира, тоа е во битот на секој владетел којшто сака да каже сега ќе биде по мое. Прашање е зошто не постои систем којшто кажува не може. Тие може да нарачаат што сакаат, ама ние нема да го испорачаме. Зошто некој уметник би испорачал. Во средно школо кога ни даваа писмена вежба по македонски јазик на зададена тема НОБ, одбивавме да пишуваме. Што е сега ова? Ти нарачав и ќе направиш, тоа не го разбирам. Ама и тоа нема да биде секогаш така. Новава генерација којашто доаѓа нема да пишува така, готово е тоа, тоа умре. Сега тоа ќе стане смешно, луѓе ќе почнат да се смеат на тоа, плус ќе почнат да ги читаат песните, Трендо ќе ги стави кај него на сајт, ќе се смеат сите и тука ќе заврши.

Како може македонската култура да се ослободи од политиката?

Со хумор, со многу хумор. Треба само да се смееме, работите мора да се исмеваат. Многу важна работа, стравот се победува само со смеа, не многу сериозно, само со повеќе исмевање.

Со оглед дека имате искуство, имате работено во неколку соседни земји, колку политиката е застапена во нивната култура во однос на состојбата во Македонија?

Србија го има истиот проблем што го има Македонија. Што се случува? Една полуписмена генерација којашто не можејќи да се пробие на нормален начин со своето дело решава во еден период да се пикне под закрилата на политиката, за тоа зборува и Молиер. Тие луѓе влегуваат во политиката, стануваат пријатели на политиката и меѓу другото на некакви си функционери и тие таму сега досаѓаат, си бараат, стави ме да бидам нешто, стави ме да бидам директор во култура, стави ме во Зоолошка градина, такви работи. И сега зашто на политичарите најдосадни им се културњаците, за да се ослободат од нив велат ајде дај му нека биде директор на театар, дај му нека води нешто. Тие се некои појави коишто се доста опасни, ги има кај нас, ги има во Србија подоста, во Словенија веќе се дише.

Интервјуто во целост прочитајте го тука.