Попоски во Братислава на Меѓународна конференција за синергијата помеѓу осигурувањето на живот и пензиското осигурување

Од:

Во последната деценија нашата земја во сегментот на осигурување на живот бележи најголем кумулативен раст од 455 отсто и просечен годишен раст од 21 отсто помеѓу земјите од Југоисточна Европа.

Ова го порача претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, Климе Попоски на конференција за синергијата помеѓу осигурувањето на живот и пензиското осигурување, во организација на Меѓународната асоцијација на осигурителни супервизори (IAIS), Меѓународната организација на пензиски супервизори (IOPS), Организацијата за економска соработка и развој (OECD) и Народна банка на Република Словачка (NBS) што вчера и денеска се одржа во Братислава, Република Словачка.

Целта на настанот е да се согледа важноста на акумулирањето и управувањето на средствата и обврските на начин кој ќе обезбеди поддршка за раст и сигурност на приходите од пензија.

Попоски учествуваше со презентација и како учесник на панел на кој се разговараше за пристапот на регулаторите во однос на третманот на долгорочни финансиски производи во осигурувањето и пензиските фондови.

На панелот, информираат од Агенцијата за супервизија на осигурување, се разговараше за сличностите и разликите помеѓу регулаторниот третман на долгорочните производи во осигурителниот и пензискиот сектор, како и за трендовите во осигурување и пензии, при тоа идентификувајќи неколку заеднички и фундаментални предизвици.

– Ефективна, ефикасна и независна супервизија која ги имплементира во своето работење меѓународните регулаторни принципи пропишани од страна на Меѓународната асоцијација на осигурителни супервизори, хармонизирање се европските осигурителни директиви, активностите на финансиска едукација, како и поволниот макроекономски амбиент, монетарна и финансиска стабилност и силно присуство на осигурителни групации од ЕУ во нашата земја, претставуваат клучни фактори за постигнатите резултати, посочил Попоски во својата презентација.